Рубрика: Информатика
Моќни апликации за зголемување на продуктивноста: Evernote
Автори: Ива Зафировска, Невенка Стојановска
Објавено на 11.02.2021 - 12:15

За сите кои имаат потреба од некоја попрегледна организација на работните задачи, низ оваа серија написи накусо ќе ви претставиме повеќе апликации што ќе ви помогнат во зголемување на продуктивноста.

Честопати, најтешкиот дел од работата е ефективната организација на нештата за побрзо извршување на сите обврски и точки. Во поглед на ова особено лоша репутација имаат креативците, поради нивниот честопати хаотичен процес на работа. Но, од друга страна понекогаш на сите ни треба малку помош во овој домен. Независно од тоа дали сте “слободен стрелец” во работата или функционирате како дел од поголем тим, дали сте на почетокот од кариерата или на врвот, на некоја административно одговорна функција – со соодветни апликации можете да додадете важен дополнителен слој на структурата на вашиот работен документ, со што ослободите повеќе време кое ќе може да го посветите за креативната страна на нештата, па дури и да ги избегнете неколку бесони ноќи.

2. Evernote – белешки секаде и во секое време

Правете белешки секаде. Најдете ги информациите побрзо. Споделете ги идеите со секого. Белешки за состаноци, за веб-страници, проекти, списоци со задачи – со Evernote, ништо не може да ви избега од рака!

Кога станува збор за апликации кои ќе ви помогнат да го организирате своето време, Evernote е веројатно една од најпознатите и прва што ќе ви падне на памет. А веројантно има и зошто, затоа што со години опстојува на пазарот и со години е меѓу првите неколку најпрепорачувани за оваа намена.

Evernote нуди речиси сè – пишување прибелешки, можност за сетирање потсетници, можност за комуникација со колегите или клиентите, зачувување фајлови и веб-страници, а што е уште подобро – има и мобилна и десктоп апликација, а може да се користи и од сите интернет-прелистувачи. Како бонус за повеќето интернет прелистувачи може да поставите и Evernote екстензија.

Кога работите на креативен проект, никогаш не знаете кога може да имате брилијантна  инспирација и идеја, која ако не ја забележите веднаш може да замине со иста брзина како што и дошла. Evernote е решението за таа ситуација. Правењето белешки  ќе ви овозможи да ги запишете вашите размислувања, да зачувате слики, линкови и парчиња написи од Интернет, а сево ова да биде сместено во еден работен простор.


 

Бидејќи, како што споменавме, на Evernote може да пристапите од повеќе уреди, сосема логично и ‘згодно’ програмерите овозможиле синхронизација на вашите записи на сите уреди. Истото ќе се случи и со потсетниците, кои ќе ви испратат предупредувања за важните задачи до сите уреди на коишто ја проверувате вашата е-пошта.

Evernote ви овозможува брзо и безбедно зачувување и споделување на информациите. Дали сакате вашата листа за купување, рецепт или неверојатната идеја за одмор да ја споделите со домашните? Сè што ќе ставите во Evernote, многу лесно може да се сподели со секого што ќе го изберете, па дури и ако избраната личност нема своја корисничка сметка на оваа апликација.

Екстензијата на прелистувачот ви овозможува да задржите сè што ќе најдете на Интернет – цели страници, статии, рецепти, слики, PDF датотеки и многу повеќе. Исечоците од вебот автоматски се организираат во белешките со ознаки што самите ќе ги изберете.

Evernote може да ви помогне да управувате со вашите секојдневни задачи и проекти, да ве потсети на обврските,  за никогаш да не пропуштите крајниот рок за некоја обврска.

Основната верзија на апликацијата е бесплатна за употреба, при што има и ограничување во бројот на уреди поврзани со една корисничка сметка. Доколку имате потреба од приклучување на повеќе од 3 уреди, од користење на повеќе напредни алатки за тимска соработка, веројатно ќе треба да прејдете на користење на некоја од премиум или бизнис верзиите кои се плаќаат, но нудат голем избор на алатки за организација. Премиум претплатата во моментов чини 7 долари месечно, додека за бизнис претплатата ќе треба да издвоите 14 американски долари.

Ако се решите за користење на оваа алатка, десктоп апликацијата може да ја преземете од сајтот evernote.com , додека мобилната апликација е достапна во продавницата на Google Play.

 

Клучни зборови: