Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 9.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.02.2021 - 16:45

Во овој времеплов ги славиме родендените на еден доктор-хирург, еден цитолог и два хемиски елемента :) На денешен ден се родени Норман Шамвеј, првиот американец кој успешно трансплантирал срце,  и Јошинори Осуми, јапонецот што го откри процесот на автофагија. Покрај тоа создадени се хемиските елементи копернициум и калифорниум.

 

9.2.1923 – Роден е Норман Шамвеј

Норман Шамвеј (Norman Shumway) е американски лекар, хирург, првиот кој извршил успешна трансплантација на срце во САД. Голем  број пациенти во времето кога трансплантацијата на срце била сè уште мошне експериментална и несигурна процедура, не живееле многу долго по операциите. Поради ова, многумина од хирурзите се откажувле од оваа процедура и не сакале да извршуваат трансплантација на овој највитален од органите. Но, д-р Шамвеј продолжил да ја рафинира постапката и работел на намалување на отфрлањето и зголемување на безбедноста и долговечноста на пациентот. Првата успешна трансплантација била направена на 6 јануари 1968 година. Денес во светот се извршуваат околу 3000 трансплантации на срце во текот на годината, од кои најголемиот дел во САД. (Н.С.)

 

9.2.1996 – Создаден е елементот 112

Група германски нуклеарни научници од ГСИ најавуваат дека го создале елементот 112, унунбиум (ununbium). Елементот е создаден со помош на испукување јадра од цинк-70 кон олово. На крајот од процесот бил детектиран еден единствен атом на елементот Uub-278, кој мошне брзо се распаднал во Uub-277.

Во 2010 година елементот унубиум беше преименуван во копернициум, во чест на Никола Коперник. (Н.С.)

 

9.2.1945 – роден е Јошинори Осуми

Јошинори Осуми е јапонски цитолог (клеточен биолог), кој во 2016 година ја доби Нобеловата награда за медицина за откритијата во врска со механизамот на автофагија. Автофагијата е процес во којшто клетките ги деактивираат и ги уништуваат непотребните или нефункционални компоненти. Осуми ги идентификувал гените одговорни за автофагијата во клетките на квасецот. (Н.С.)

 

9.2.1950 – Создаден е елементот 98

Научниците од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, во лабораториите ги синтетизираат првите атоми на елементот калифорниум. Елементот е добиен со бомбардирање на целта од куриум со високоенергетски алфа-честички. Во нивниот експеримент биле добиени 100 атоми калифорниум-245 со полуживот од 44 минути.(Н.С.)

Клучни зборови:
 Норман Шамвеј

 Норман Шамвеј

 Норман Шамвеј

 Норман Шамвеј

 Норман Шамвеј

 Норман Шамвеј

Првата успешна трансплантација на срце во САД

Првата успешна трансплантација на срце во САД

Јошинори Осуми

Јошинори Осуми 

Јошинори Осуми

Јошинори Осуми 

калифорниум

калифорниум