Во овој времеплов ги славиме родендените на рускиот хемичар Димитриј Менделеев, на еден од зачетниците на современата научна фантастика во литературата Жил Верн и на програмерот Дејвид Вилер. А на денешен ден беше одобрен и патентот за ‘калкулаторот’ Harvard Mark I
8.2.1828 – Роден е Жил Верн
Жил Верн (Јules Verne) бил француски писател од крајот на 19 век а многумина го сметаат и за татко на научната фантастика. Творел во периодот на мошне брз развој на науката и техниката и интензивен развој на индустријата, што оставило голем впечаток и белег на темите во романите на Верн. Десет години пред да ги објави своите први романи, тој бил редовен читател во Националната библиотека во Париз, каде што неуморно читал за новите откритија. Истовремено, во текот на тие десет години, тој бил во непосреден контакт со бројни научници, инженери, пронаоѓачи, светски патници и истражувачи. Така, Верн во својата меморија акумулирал огромен број факти, а во својата картотека чувал 25 000 белешки од сите области во науката.
Во неговите дела, опиплива е вербата во силата на човекот кој со помош на науката може да ја скроти природата и да го оствари сето она што го замислила фантазијата. Голем дел од техничките достигнувања кои Верн ги опишал во своите дела, денес претставуваат стварност. Неговите романи и ден-денес се многу популарни и читани, а според нив се снимени и бројни филмови, вклучувајќи го и првиот научно-фантастичен филм воопшто снимен “Патување на Месечината” од Мелјес (види ЕМИТЕР 7-12/2019)
Големината на Верн како писател се состои не само во тоа што тој предвидел многу технички достигнувања, кои се јавиле многу подоцна, туку тој го направил сето тоа многу прецизно, потпирајќи се врз своите солидни географски, астрономски, хемиски, физички и етнолошки знаења.
На пример, во 1854 година, еден француски научник конструирал мотор според описите на Жил Верн и моторот навистина проработил. Подоцна, во 1863 година, математичарот Бертран и астрономот Јансен, откако го прочитале романот Од Земјата до Месечината, кој штотуку излегол од печат, ги провериле балистичките пресметки опишани во романот и утврдиле дека тие се сосема точни. Всушност, многу светски научници и истражувачи истакнувале дека романите на Верн им ја подгревале фантазијата и дека влијаеле да го изберат својот животен пат. (Н. С.)
8.2.1834 – Роден е рускиот хемичар Димитриј Менделеев
Димитриј Менделеев e познат по тоа што ги “построил” сите хемиски елементи според сродноста на нивните особини во т.н. периоден систем на хемиските елементи. Всушност, тој ги наредил според нивната атомска маса (тежина), поаѓајќи од најмалата маса, кон сè поголемите атомски маси. Во тоа време беа познати вкупно 60 хемиски елементи, а според правилностите во редоследот на нивните особини, коишто Менделеев ги воочил, тој го предвидел точното место и карактеристиките на нови 6 хемиски елементи, во тоа време сè уште непознати (цезиум Cs, галиум Ga, германиум Ge, телур Te, рениум Re, полониум Po). Набргу потоа се откриени 3 од 6-те наведени непознати елементи. Потврдата на нивните карактеристични особини, предвидени од Менделеев, беше доказ за исправноста на Менделеевите поставки во конфигурацијата на системот, па, по 1880 год., хемичарите во потполност го прифатиле тој систем. Во поново време, системот е дополнуван со новооткриени хемиски елементи, па денес тој содржи 109 елементи. Димитер Менделеев починал на 2.2.1907. (П. Л.)
8.2.1945 – Патентиран Harvard Mark I калкулаторот
Ц.Д. Лејк, Х.Х. Аикен, Ф.Е. Хамилтон и Б.М. Дурфи го патентираат т.н. Automatic Sequence Control Calculator, попознат како Harvard Mark I. Mark I во тоа време беше огромен, автоматизиран дигитален компјутер кој можеше да ги извршува четирите основни математички операции и врши пресметки до 23 децимални места. Операцијата множење траеше околу 5 секунди, што во тоа време се сметаше за солидна брзина. (З. И.)
9.2.1927 – Се роди Дејвид Вилер
Дејвид Вилер го паметиме како пронаоѓач на “Wheeler Jump” концептот на потпрограми (subroutine) во компјутерското програмирање. Со овој концепт програмот во одреден момент праќаше барање до потпрограмот да изврши одредени операции кои ќе бидат потребни за понатамошната работа на тој програм. Подпрограмите функционираа само кога ќе беа „повикани” од страна на главниот програм.
За овој свој пронајдок Дејвид Вилер ја прими IEEE Computer Society Pioneer Award наградата. (З. И.)