Рубрика: Телекомуникации
ТВ-кулата Чамлика во Истанбул опремена со предаватели од Роде-Шварц
Автор: Димац Митковски
Објавено на 08.02.2021 - 11:30

Реномираниот германски производител за предавателни уреди Роде-Шварц (Rohde&Schwarz – R&S) неодамна објави дека е избран да обезбеди инфраструктура од 100 ФМ предаватели со течно ладење за маркантната радиотелевизиска кула Чамлика (Çamlıca) во Истанбул.

Давателот на услуги за пренос Kule Verici Tesisleri Isletim Ve Teknolojileri A.S. се решил за опремата на Роде-Шварц “Откако многу други компании тврдеа дека предизвикот за пренос е невозможен да се постигне“.

Според Rohde & Schwarz една од причините за избор на нивниот модел ee ефикасноста на предавателите и малата основа.

Само еден поглед на оваа, веќе завршена нова радиотелевизиска кула во Истанбул открива фасцинантно архитектонско дело. Кулата се наоѓа на ридот Мала Чамлика (Küçük Çamlıca) со поглед кон Истанбул и заедно со нејзините антени, ќе служи како туристичка атракција. Проектот е дизајниран за Министерството за транспорт и врски и според проектантите од Melike Altınışık Architects “телекомуникациската кула предизвикува чувство на движење и ритам во рамките на својата силуета што се менува кога се гледа од различни насоки низ градот”.

Изградбата на кулата беше започната на 1 март 2016 година, од изведувачот Sarıoılu Construction Co. Изградена е со пренапрегнат бетон на основа длабока 21 m. На врвот од бетонската кула висока 220,50 m е поставен челичен јарбол со висина од 145 m за радио и телевизиски пренос. Вкупната висина на кулата изнесува 365,50 m, со што нејзиниот врв се издигнува на 583,5 m над нивото на морето. Со тоа кулата ќе биде највисоката структура во Истанбул.

Нејзиниот пресек има елипсовидна форма, со пречник на главните оски од 13 и од 16 m во основата, којшто со висината станува сè помал. Секој кат на кулата е висок 4,50 m. Кулата има и две платформи за набљудување сместени на 33-тиот и 34-тиот кат, на висина од 148 и 153 метри.

39-тиот и 40-тиот кат, на висина од 153 односно 175 метри, се резервирани за ресторан и кафетерија од кои може да се ужива во урбаниот пејзаж на градот. Библиотеките и изложбените сали се сместени во подрумите. Предвидени се панорамски и сервисни лифтови. Очекувањата се дека кулата ќе привлече околу 4,5 милиони посетители годишно.

Новата телекомуникациска кула поддржува околу 125 радиодифузни предаватели (компатибилни со DVB-T2 и DAB). Таа ќе ги замени повеќето од челичните конструкции на двата соседни рида кои предизвикуваат визуелно загадување и се сметаат штетни за здравјето.

Цената на изградбата на кулата изнесува околу 170 милиони турски лири, што одговара на приближно 48,5 милиони американски долари.

Клучни зборови:
Радио телевизиската кула Чамлика во Истанбул

Радио телевизиската кула Чамлика во Истанбул

Радио телевизиската кула Чамлика во Истанбул

Радио телевизиската кула Чамлика во Истанбул

100 FM предаватели со течно ладење од Rohde & Schwarz за маркантната радиотелевизиска кула Чамлика (Çamlıca) во Истанбул

100 FM предаватели со течно ладење од Rohde & Schwarz за маркантната радиотелевизиска кула Чамлика (Çamlıca) во Истанбул

Подножјето на кулата

Подножјето на кулата

Кулата доминира над урбаниот пејзаж на Исстанбул

Кулата доминира над урбаниот пејзаж на Исстанбул