Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 7.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.02.2021 - 23:15

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на рускиот космонаут и инженер Константин Петрович Феоктисов и австрискиот лекар и психолог Алфред Адлер. Покрај ова го одбележуваме денот кога пред светот беше претставен првиот холандски автомобил и денот кога астронаутите излегоа на првата слободан вселенска прошетка во земјината орбита.

 

7.2.1958 – Претставен е првиот холандски автомобил

На прочуениот, во тоа време, амстердамски автомобилски саем, на овој ден во 1958 година е претставено првото холандско моторно возило, анемичниот и не многу квалитетен ДАФ 600 Вариоматик. Тоа е мало, скромно возило кое некако и си ја бркаше работата на рамен терен како Холандија, но во ридестата Европа не се покажа како добро возило: на планинските нагорнини често застануваше и не можеше да се вози. Тоа е и нормално, со оглед на скромниот развоен буџет на фирмата, недостатокот на инженери и технолози, како и немањето искуство во оваа бранша.

Трансмисијата беше со вариоматик како преносник реализиран со два клинести ремена кои често се кинеле. Немал диференцијал, туку со посебен вакуумски механизам поврзан со механизмот за управување се симулирал диференцијал (обезбедувал различен преносен однос на каишниците), а тоа исто така значи дека погонските задни тркала се однесувале како блокирачки диференцијал, адут кој интензивно бил истакнуван во рекламите. Кај нас беше омилен кај инвалидите, бидејќи релативно лесно се управуваше: беше евтин еквивалент на автомобилите со автоматски преносник. Но маките на ДАФ набрзо престанаа затоа што банкротира и беше купен и целосно асимилиран од шведски Волво. (Т. С.)

 

7.2.1926 – Роден е Константин Петрович Феоктисов

Руски космонаут и инженер кој од 1955 е дел од тимот на Сергеј Корољев, човекот кој ги содаде советските летала “Спутник“, “Восток“, “Васход“ и “Сојуз“. Како трениран космонаут, на 12 октомври 1964 година беше дел од посадата на “Васход 1“, кога заедно со двајца други космонаути, Владимир Комаров и Борис Јегоров, направија 16 обиколувања околу Земјата, на висина од 336 km, во летало кое беше прво дизајнирано да прими повеќечлен екипаж. Феоктисов е воедно и првиот космонаут/астронаут којшто не е во активна воена служба. По завршувањето на кариерата како космонаут, тој продолжил да биде дел од Советската вселенска програма, придонесувајќи при креирањето на вселенските станици “Саљут“ и „Мир“. (Г. П.)

 

7.2.1870 – Роден е Алфред Адлер

Алфред Адлер (Alfred Adler) е австриски лекар кој дал голем придонес во развојот на психологијата преку неговиот теориски систем наречен индивидуална психологија.

Лекарската диплома ја стекнал на виенскиот универзитет во 1895 година. Својата лекарска пракса Адлер ја започнал како офталмолог, но набрзо се преориентирал кон општата пракса и отворил своја ординација во посиромашниот дел од Виена во кој се наоѓал забавен парк и циркус. Меѓу пациентите имало и луѓе од циркусот, па некои автори претпоставуваат дека невообичаената силина и слабостите на изведувачите го навеле да ги истражува инфериорноста на некои органи и компензацијата. По ова се насочува кон психијатријата.

Најнапред бил приврзаник на Фројдовата психоанализа, но во 1912 година се издвојува од Фројд и формира сопствената школа за индивидуална психолохија, насока во психотерапијата и теорија според којашто основниот двигател на човекот е неговото тежнеење тој да доминира над околината, односно желбата за моќ. Овој копнеж според Адлер е вроден, а ако човекот не може да го задоволи  тој станува незадоволен со себе си, по што се јавува комплекс на инфериорност. За да ја отстрани нелагодноста и чувството на беспомошност, поединецот развива компензациски постапки.

Негови најпознати дела се: “Теорија и практика на индивидуалната психологија” (“The Theory and Practice of Individual Psychology”) од 1918 година и “Познавање на луѓето” (“Pattern of Life”) од 1930. (Н. С.)

 

7.2.1984 – Првата слободна вселенска прошетка

Во 1984 година, астронаутите Брус Меккендлес (Bruce McCandless) и Роберт Стујарт (Robert L. Stewart) од една од мисиите на “Челинџер“ станаа првите што “шетале“ во вселената слободно, т.е. без да бидат закачени за леталото. Со помош на модулот за маневрирање (manned maneuvering unit (MMU)) на височина од 150 наутички милји од површината на Земјата, двајцата астронаути правеа поправки, фотографираа и го отворија патот кон понатамошен развој на овие модули кои во иднина ќе се користат повеќе и во различни цели. (Н. С.)

Клучни зборови:
Холандскиот автомобил ДАФ

Холандскиот автомобил ДАФ

Константин Петрович Феоктисов

Константин Петрович Феоктисов 

Константин Петрович Феоктисов

Константин Петрович Феоктисов 

 Алфред Адлер

 Алфред Адлер 

 Алфред Адлер

 Алфред Адлер 

Брус Меккендлес за време на првата слободна вселенска прошетка

Брус Меккендлес за време на првата слободна вселенска прошетка