Со цел да се справи со монополот на Qualcomm Snapdragon во поглед на 5G на модемите во телефоните во САД, MediaTek го лансираше својот прв mmWave 5G модем наречен MediaTek M80 5G. Модемот MediaTek M80 5G ќе се фати во костец со модемот Qualcomm X60, во обид да се избори за што поголем дел од пазарниот колач.
Според Counterpoint Research, една од големите компании чијашто примарна цел се бизнис анализите, неодамна MediaTek станала број еден производител за мобилни чипсети во светот. Но и покрај ова, чипсетите од MediaTek вообичаено ги наоѓаме во телефони од пониската и од средната класа. Тие, како компанија, допрва треба да изградат солидна позиција за повисоките носечки модели од пазарот со паметни телефони.
Освен тоа, телефоните кои користат хардвер од MediaTek претежно се лансираат надвор од границите на САД. Но, ова може да се промени со новиот модем MediaTek M80 5G. Имено, со овој модел компанијата ќе се обиде да освои фер удел од колачот на 5G пазарот во САД. А ова е возможно поради тоа што 5G mmWave станува исклучително важен сегмент преку барата. Во таа насока е и изјавата на Финбар Мојнихен, генералниот директор на продажба на MediaTek, во којашто тој предвидува дека mmWave технологијата ќе продолжи да расте на американскиот пазар, а MediaTek со својот модем M80 5G, ќе се обиде да го зголеми своето присуство на него. Тој предвидува зголемување на палетата од 5G уреди на пазарот во САД, опремени со 5G чипсетите на MediaTek.
Клиентите на MediaTek своите примероци од чипсетот ќе ги добијат во текот на оваа година, што значи дека американскиот пазар ќе остане лишен од комерцијален уред со MediaTek M80 уште некое време.
MediaTek веќе има 5G модем – Helio M70, но тој нема поддршка за mmWave. MediaTek M80 5G го решава овој проблем и ги обединува mmWave и под-6GHz технологиите во единствен чип. Со оглед на тоа што се работи за интегриран модем, MediaTek M80 5G ќе биде поставен заедно со другите стандардни интегрирани компоненти – процесорот, графичкиот процесор и сликовниот сензор. Тој ќе понуди поддрѓка за двојни 5G SIM картички, двојни 5G NSA и SA мрежи и двоен VoNR (Voice over New Radio).
Теоретски новиот модем ќе може да постигне максимална брзина од од 7,67Gbps на преземање и од 3,67Gbps за поставување на содржини. За споредба, моделот Qualcomm X60 5G е способен да достигне брзина од 7,5Gbps при преземање на врската (downlink) и од 3Gbps за поставување на врската (uplink). И за споредба еден податок и од 5G чипсетите на Самсунг – неговиот чипсет Exynos 2100 може да достигне брзини од 7,35Gbps на преземање и од 3,67 Gbps при поставување содржини.
Сè на сè, барем теоретски, се чини дека MediaTek успева да ги надмине своите конкуренти на ова поле. Но, тоа допрва ќе треба да се докаже со правење на реални споредбени тестови кои ќе ги вклучуваат овие модеми.
Според најавите MediaTek M80 треба да дојде опремен и со UltraSave технологиите за автоматска детекција на мрежното опкружување и UltraSave технологијата за автоматско детектирање на видот содржина што треба да се испрати/прими. Овие две технологии во многу помагаат за соодветно прилагодување на потрошувачката на енергија и на работната фреквенција на уредот, оптимизирајќи ги зависно од мрежните услови.