Рубрика: Информатика
Повратете ја вашата приватност во 5 чекори
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 03.02.2021 - 12:15

или 5 работи што можете да ги направите веднаш за да ја заштитите вашата приватност на Интернет

За луѓето што се предодредени да поминуваат премногу време со уредите – какви што сме, впрочем, сите во последно време – постигнувањето приватност во интернет просторот може да претставува неверојатен предизвик. Жонглираме со апликации и веб-страници од утро до зори за да ја провериме временската прогноза, каналите на социјалните мрежи, е-поштата, да ги платиме сметките, потоа купуваме преку Интернет, разговараме со видеоповик, пристапуваме до училишниот портал или работен простор, и конечно, читаме вести или се опуштаме со гледање филм.

Заштитата на приватноста знае да бара и време и напор – истражување, уредување поставки, следење вести за да се избегнат (или барем да се дознаат) најновите ранливости и ‘провали’ на податоците. Но, ако немате време и енергија за овој секојдневен ритуал, што тогаш можете да направите? Од каде да започнете и како да ги обезбедите вашите лични информации?

Тука ќе се обидеме да ви помогнеме и објасниме што е можно поедноставно, како да постигнете баланс помеѓу вашите проблеми со приватноста и вашата потреба да бидете онлајн поголемиот дел од времето.

Советите не се нови, веројатно и претходно сте ги слушнале, но сте ги игнорирале или одложувале... Многумина го прават истото, сè дури не е предоцна и додека не откријат дека биле изложени. Но, дури и ако вашите напори за обезбедување на интернет приватност не се совршени, да направите нешто е секако подобро отколку да не правите ништо.

1. Чувајте ги вашите сметки /профили безбедни, со силни и уникатни лозинки, како и со автентикација со два фактори. Ако насекаде користите иста лозинка или лозинки, во случај хакерите да ја преземат вашата е-пошта или корисничкото име и лозинка за една од вашите сметки, тогаш тие можат да ги користат овие ингеренции за да остварат пристап до вашите други сметки.

2. Кажувајте и споделувајте во интернет просторот помалку лични податоци, за да го минимизирате вашиот дигитален отпечаток. Бидете ‘скржави’ со личните информации што ги споделувате на социјалните медиуми и на корисничките сметки на веб-страниците. Колку помалку интернетот знае за вас, толку подобро.

3. Избришете што е можно повеќе стари сметки кои не ги користите. Секогаш може да се најавите за нова сметки за да користите некоја случајна услуга, а потоа да заборавите на тоа. Колку повеќе страници ги имаат вашите податоци, толку се поголеми шансите да бидете изложени.

4. Уредете ги поставките за приватност. Обрнете внимание на услугите што ги користите најчесто и бидете внимателни кон поставките за приватност. Исклучете се од оние што бараат дозвола да ја користат вашата локација, податоци, контакти и сл.

5. Бидете во тек со предупредувањата за безбедносни провали и за она што се случува со вашите податоци на интернет. Веројатно имате и друга работа, освен континуираното следење на вашиот дигитален идентитет за сомнителни настани. Добрата вест е што постојат специфични алатки што можат ова да го работат за вас, заштедувајќи ви време, грижа и пари.

Бидејќи не можеме целосно да ја избегнеме технологијата, најмалку што можеме да сториме е да ја заштитиме нашата приватност и нашето дигитално јас. Сите имаме пристап до средства што ќе ни овозможат да го сториме тоа.

Приватноста е моќ. Искористе ја и останете безбедни!

Клучни зборови: