Компанијата Епл лансираше нова компонента за нејзиниот сервис Fitness+ на паметните часовници од нејзино производство. Time to Walk има задача да го намами корисникот подалеку од ТВ-приемникот, да излезе од домот и да го натера да се позанимава со некоја активност на отворено.
Иако Time to Walk официјално не се води како поткаст, во многу нешта наликува на тоа. Се работи за серија аудиозаписи во траење од 25 до 40 минути, достапни за Apple Watch. Секоја епизода претставува приказна снимена со некоја позната личност за време на прошетката по места што за неа имаат особено значење. Па така, при преслушувањето на овие приказни се има чувство дека шетате рамо до рамо со некој од славните.
Засега се достапни четири епизоди, по една со музичарите Доли Партон и Шон Мендес, една со ѕвездата на НБА Дрејмонд Грин и една со глумицата Узо Адуба. Во приказните, познатите споделуваат спомени и моменти од исклучително лично значење, зборуваат за изборите што ги направиле и за лекциите што ги научиле од нив, нивните размислувања за мотивацијата и благодарноста, моментите на тешкотии, како и други интересни теми што ќе го поттикнат слушателот на подлабоко размислување. Но, покрај ова тие ќе им претстават и кратка плеј-листа со песни што ги мотивирале и ги инспирирале, па така корисникот ќе може да изгради лична врска со секој од гостите преку својот уред.
За да ја искористат оваа интересна можност, корисниците треба да имаат важечка претплата на Apple Music и да ја преземат листата на својот паметен часовник.
Од Епл велат дека се планирани вкупно 18 епизоди, со претставување на нова епизода секој понеделник, сè до крајот на април оваа година. Епизодите ќе се преземаат автоматски на уредот Apple Watch, а штом корисникот ќе ја пушти, часовникот автоматски ќе почне да прави запис за изминатото растојание, брзината и за согорените калории.