Рубрика: Медицина
Студот е пријател на витата става
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.01.2021 - 15:00

Ако вагата и тесните фармерки не престанат да ве потсетуваат дека за време на карантинот и за празниците се претера со храна, знајте дека студот во овие денови е вашиот најдобар сојузник за да се вратите во форма.

Едно истражување спроведено од група ендокринолози од медицинскиот центар на универзитетот во Мастрихт, откри дека при практикувањето спорт на отворено, на ниски температури, трошиме повеќе калории отколку кога ја правиме истата активност во текот на летото или во загреани средини.

Според истражувачите, студот го принудува нашето тело да согорува повеќе калории за да може да ја одржи постојаната телесна температура. „Горивото“ на овој процес на терморегулација е кафеавото масно ткиво, кое се активира на студ и почнува да се троши. Истражувачите побарале од група волонтери да поминат 10 дена во средина каде што температурата се одржувала на околу 15° С. Потоа, била измерена потрошувачката на калории кај оваа груба, која била споредена со онаа на луѓето кои ги правеле истите активности на поудобни температури. Конечниот заклучок бил дека при иста физичка активност, студот предизвикува до петпати поголема потрошувачка на калориите од топлината.

Пред неколку години, една јапонска студија дошла до истите резултати кога група волонтери биле затворани по два часа на ден во средина со температура од 17° С, во времетраење од шест недели.

Ова значи дека студот е пријател на витата става, со оглед на тоа што истражувачите укажуваат дека навикнувањето на телото да живее на малку пониски температури ќе му помогне да се одржи во форма. Но, секако внимавајте, бидејќи настинките и бронхитисот може да бидат многу полоши од неколкуте килограми вишок.

Клучни зборови: