Во овој времеплов ги славиме роденденот на Жозеф Луј Лагранж, и ги одбележуваме лансирањето на првиот јапонски лунарен сателит и денот кога е направена првата филмска снимка на едно затемнување на Сонцето. Покрај ова си споменуваме и за два немили настани – денот кога сателит со радиоактивен материјал се неконтролирано се распадна на небото над Канада и денот кога за првпат човек погина од роботска рака.
24.1.1990 – Јапонија го лансира леталото Хитен
Леталото Хитен (ひてん), или во превод Ѕвездена девица, е првата месечева сонда којашто не била лансирана од една од двете суперсили – САД и СССР. Малечкиот сателит влезе во екстремно елиптична орбита околу Земјата којашто го однесе до Месечината. На поминување покрај неа леталото ја исфрли малечката сонда Хагоромо (はごろも) во лунарна орбита.
Хитен ја демонстрираште можноста успорување и менување на орбитата на вселенското летало со користење ‘воздушна кочница’ односно со ползување на отпорот/триењето на леталото од горните атмосферски слоеви. Техниката беше употребена за првпат и се покажа како мошне успешна. (Н. С.)
24.1.1978 – Извидувачкиот сателит Космос 954 ќе се распадне над Канада
Советскиот извидувачки сателит опремен со нуклеарен реактор навлезе во атмосферата и се распадна на небото над северниот дел од Канада. За жал системот за исфрлање на јадрото не профункционира и радиоактивниот материјал навлезе во атмосферата заедно со сателитот. Радиоактивниот отпад се распрсна на површина од 124 000 квадратни километри, и иако беше организирана итна активност за чистење на земјиштето, т.н. Операција Утринска Светлина имаше слаб успех – сè на сè беше лоциран едвај 1% од радиоактивниот материјал. Притоа беа пронајдени 12 дела од сателитот, од кои 10 беа радиоактивни, а еден од нив емитуваше доволно зрачење за да може да убие човек по само неколкучасовна изложеност. (Н. С.)
24.1.1925 – За првпат на филмска лента е забележано затемнување на Сонцето
Целосното затемнување на Сонцето кое се случило на овој датум е првото затемнување коешто е снимено на филмска лента. Снимката е направена во близина на брегот крај Лонг Ајленд, во државата Њујорк, САД, од страна на американската морнарица. Камерата била поставена во гондолата на дирижаблот УСС Лос Анѓелес, па така ова е истовремено и прв случај на сончева еклипса снимен од воздух. (Н. С.)
25.1.1736 – Роден е Жозеф Луј Лагранж
Жозеф Луј Лагранж (Joseph Louis Lagrange) е француски математичар и астроном од италијанско потекло. Објавил повеќе трудови од областа на математиката, а во астрономијата е познат по утврдување на локацијата на двете т.н. Лагранжеови точки во составот Земја-Сонце, во кои гравитациската сила од двете тела се поништува, па тие точки се користат во вселенските мисии за “паркирање” на вселенските летала и сонди. (П. Л.)
25.1.1979 – Робот убива авто-работник
Роберт Вилијамс од Мичиген е првиот човек убиен од робот. Тој имаше 25 години. Несреќата во компанијата Форд Мотор резултираше во судски спор вреден 10 милиони долари. Поротата заседаваше два и пол часа пред да ја објави одлуката во спорот против Unit Handling Systems, оддел на Litton Industries. Судот му наложи на производителот на роботот што го уби Вилијамс да му исплати на неговото семејство отштета во вредност од 10 милиони долари.
Роботот бил дизајниран за вадење на делови од складиштето, но неговата работа се сметала за премногу бавна. Вилијамс извлекувал дел од корпата за складирање кога раката од роботот при спуштање го удрила во главата, убивајќи го на место. Во тужбата, семејството тврди дека роботот нема безбедносни механизми, немал дури ни предупредувачки звук за да ги предупреди работниците дека се наоѓа во близина. (И. З.)