Рубрика: Автомобилска техника
Небесен кадилак – ГМ ја сподели својата визија за иднината на една американска класика
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 18.01.2021 - 18:45

На самиот почеток од оваа година Џенерал моторс ја претстави нивната концепт визија за иднината – летечки автономен кадилак, возило кое ќе се движи без возач и кое по воздушна линија би ги пренесувало патниците удобно сместени во него.  Главниот извршен директор на Џенерал моторс го опиша овој “небесен”кадилак како концепт за идниот личен превоз.

Кадилакот е всушност дрон којшто полетува и слетува вертикално, а се движи со брзина од максимални 55 милји на час, при што може да услужи само еден патник. Возилото е целосно автономно, има електричен мотор од 90KW, батерија и ултралесно куќиште. Преку промотивно видео, летечкиот кадилак беше преставен заедно со уште едно возило, фамилијарниот електричен кадилак, како дел од виртуелната презентација на извршниот директор на ГМ – Мери Бара. Бара минатата година открила дека нејзината компанија истражува алтернативни начини на превоз, како што се, на пример, воздушните такси возила.

Во презентацијата на концептот за летечки возила учествуваше и потпретседателот на  Одделот за глобален дизајн и главен дизајнер на Џенерал моторс, Мајк Симко. Новото возило тој го опишува како „кадилак на урбаната воздушна мобилност, којшто е клучен во визијата на компанијата за иднината.”

Претставениот автономен шатл има предна и задна лизгачка врата и стаклен панорамски покрив. Кабината е со удобно седиште, и е опремена со биометриски сензори, систем за гласовна контрола и препознавање на движењата на рацете.

Но, за жал ова се сите детали што ГМ е вољен да ги открие засега, додека проектот се наоѓа во развој.

Клучни зборови: