Рубрика: Информатика
Екс-Ју диско машина
Автор: Димац Митковски
Објавено на 12.01.2021 - 11:30

Ви претставуваме една интересна веб-апликацијата што ќе ви овозможи да се потсетите на голем дел од продукцијата на забавна, поп и рок музика во поранешна Југославија.

Во една претходна статија на Емитер информиравме за многу интересна и корисна апликација именувана како „Музичка временска машина“ (The Musical Time Machine). Само за потсетување, radiooooo.com е прекрасна музичка временска машина која ви овозможува да патувате низ просторот и времето. Картата на светот дава можност за избор на земја, а изборот на времето е преку изборот на декадата што ве интересира.

Вакво музичко временско патување сега може да преземете и низ поранешниот југословенски музички времепростор. Имено, на адресата exyudiscomachine.com или преку пребарување на Еx-yu disco machine (Екс-ју диско машина) доаѓате до веб-апликацијата што ќе ви овозможи да се потсетите на голем дел од продукцијата на забавна, поп и рок музика во поранешна Југославија. Со оглед на тоа што таа како музичка база се служи со постоечката YouTube платформа, изборот на музика е мошне голем, а опфаќа дури и групи и изведувачи кои не биле толку популарни. Секако, тука ги има и македонските изведувачи и групи. Наидов на Нина Спирова, Љупка Димитровска, Есма Реџепова, Мики и Венко (Бодигардс). Проверете и може да најдете нешто интересно.

Нумерите течат по случаен редослед (како на интернет радио) и возбудата е во тоа што ќе биде следното, па така може да слушнете и нешто што не сте го знаеле дури ни во тие времиња (секако ако сте од повозрасната популација). Сепак, постои и убава можност она што ви се допаѓа да го обележите со „срценце“ како омилено и да го слушнете следниот пат кога ќе се навратите на оваа апликација. Дали да слушате песни по случаен избор на оваа диско машина или по сопствен избор (песните што сте ги обележале како омилени) се бира во долниот лев агол од апликација.  

Ако оваа веб апликација е “токму по ваша мерка” и “она што ви требаше” имате можност нејзиниот автор да го почестите со филџан виртуелно кафе :) , односно да му дадете и паричен надоместок за неговиот труд. Апликацијата има и копчиња што ќе ве одведат до GitHub и до LinkedIn профилите на програмерот, Давор Давидовиќ.

Клучни зборови: