Рубрика: Медицина
Колку ќе чини ивермектинот?
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 28.12.2020 - 13:15

Како што беше објавено во медиумите, деновиве се очекува Агенцијата за лекови МАЛМЕД да го одобри ивермектинот за увоз во Македонија, по барање на стручната комисија формирана од министерот за здравство. Логично, едно од прашањата што сега се наметнуваат е цената на третманот. Дали и колку пациентите ќе плаќаат за лекувањето со ивермектин?

Како што знаеме од досегашните студии, стандардното единечно дозирање со ивермектин е 0,2 mg по килограм телесна маса. Според статистиката спроведена за повеќе земји во светот, просечната телесна маса на возрасен македонски граѓанин е 69 kg. За секој случај, да додадеме уште некој килограм и да заокружиме на 75 kg.

Според протоколот I-MASK+, за ран амбулантски третман потребни се две дози администрирани на првиот и на третиот ден од почетокот на терапијата. Значи, вкупната количина ивермектин потребна за третман на просечен пациент e:

2 x 0,2 mg/kg x 75 kg = 30 mg

Во изјава за слободен печат, директорот на МАЛМЕД спомна (неофицијално) цена од 12 евра по кутија. Но, колку ивермектин содржи една кутија? Најверојатно 12 mg, или само 40% од просечната доза по пациент, а тоа значи дека просечната цена по пациент би била 30 евра. Воопшто не е малку, особено за граѓаните со ниски примања. Во Македонија, повеќе од 450 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Постојат истражувања според кои посиромашните луѓе имаат поголема склоност кон дебелина, односно поголема телесна маса. Исто така, познато е дека дебелината е доминантен ризик-фактор кај ковид-19. Замислете случај на новозаболен од ковид-19 со телесна маса од 100 kg и четврти ден со благи симптоми (температура, малаксаност, изгубен мирис и вкус), кому матичниот лекар му препишува рецепт за ивермектин. На рецептот стои дека согласно неговата телесна маса, пациентот треба да си купи 40 mg ивермектин и дека за тоа треба да плати 2 500 денари. Ако пациентот има ниски месечни примања, неговото резонирање може да биде вакво: премногу е 2 500 денари, а и онака имам само лесни симптоми, сигурно ќе ми помине само од себе. Но, она што тој хипотетички граѓанин може да не го знае е дека болеста почнува со благи симптоми, а кај луѓе со прекумерна тежина почесто прогресира во тешка клиничка слика. По неколку дена, болеста преминува во пулмонална/инфламаторна фаза, тој се премислува и го купува лекот, но сега веќе ризикот за фатален исход е двојно зголемен. Вакви ситуации може да бидат многу чести и фатални за голем број сиромашни луѓе со коморбидитети.

 

Како се движат цените на ивермектин на светскиот пазар?

На интернет може да се најдат информации за голем број таблети со ивермектин. Во продолжениe се дадени некои од нив.

Грција (малопродажба):

Кутија со 4 таблети x 3 mg = 12 mg чини 13,77 евра;

Или 34 евра (= 2 100 денари) за третман на просечен пациент

Индија (малопродажба):

Кутија со 20 таблети x 12 mg = 240 mg чини 2,6 евра

Или 0,3 евра (= 20 денари) за третман на просечен пациент

Индија (малопродажба):

Кутија со 10 таблети x 12 mg = 120 mg чини 1,1 евро

Или 0,27 евра (= 17 денари) за третман на просечен пациент

Треба да се истакне дека Индија има повеќе сопствени фармацевтски компании кои го произведуваат ивермектинот со децении, бидејќи паразитните болести се многу раширени во оваа земја. Според овој извор, малопродажните цени во Индија се движат во неверојатно голем опсег: од 2 евроценти до 1 евро за една таблета од 12 mg. За да биде приказната уште поневеројатна, владата на индиската држава Утар Прадеш ги набавила првите 1 милион таблети генерички ивермектин по цена од 0,3 евроценти за 12 mg таблета. Внимавајте, тоа се 0,2 денари за 12 mg таблета (4 000 пати поевтин од грчкиот ивермектин!), или платиле вкупно 3 000 евра за милион таблети. Патем, Утар Прадеш почна со масовно делење ивермектин во август, комбинирано со други мерки, успешно се справи со пандемијата и сега има најмала стапка на новозаразени и смртни случаи во цела Индија. Во Утар Прадеш живеат повеќе од 200 милиони жители.

Да ја земеме најголемата малопродажна цена во Индија:

Таблета од 12 mg чини 1 евро

Или 2,5 евра (= 150 денари) за третман на просечен пациент

Канада (онлајн-продажба):

180 таблети x 6 mg = 1 080 mg чини 436 евра

Или 12 евра (= 740 денари) за третман на просечен пациент

Заклучок: цената на третман за просечен пациент може да чини од 150 денари (најскапата индиска цена) до 2 100 денари (нормална грчка цена). Канадската онлајн-цена е 740 денари по просечен третман, што многу веројатно, при набавка на стотици илјади дози може да се спушти барем на 500-600 денари по просечен третман.

Властите експлицитно нагласија дека граѓаните нема да плаќаат за вакцината. По истиот критериум, граѓаните не треба да плаќаат и за третманот со ивермектин. Државата треба да ги покрие тие трошоци од буџетски средства. Да се потсетиме дека за само 640 болнички третмански дози од неефикасниот ремдесивир Македонија се обврза да плати 1,3 милиони евра. За истите пари, во случајот со ивермектин, може да се купат околу 130 илјади третмански дози од канадски ивермектин, или околу 520 илјади третмански дози од најскапиот индиски ивермектин. Е, сега, како ќе одлучат, ќе покаже времето.

За крај, можеби е корисно да се потсетиме дека и Алкалоид, како голема македонска фармацевтска компанија, би можел да го произведува овој медикамент. Со оглед на фактот што ивермектинот е ослободен од какви било патентски права, и имајќи предвид дека технологијата на неговото производство е мошне едноставна – во Перу, студенти од факултет за хемија и прехранбена индустрија го произведувале под надзор на специјалисти – оваа можност би требало сериозно да се разгледа од страна на компанијата.

Клучни зборови: