Рубрика: Информатика
Горјан Јовановски прогласен за најдобар млад иноватор во Eвропа
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 04.12.2020 - 12:45

Горјан Јовановски е прогласен за најдобар млад иноватор во Европа за 2020 година за својата мобилна апликација AirCare, која го мери квалитетот на воздухот и придонесе да се откријат вистинските размери на аерозагадувањето во Македонија. Дваесет и седумгодишниот софтверски инженер и екоактивист од Скопје победи во конкуренција на иноватори до 30 години на World Summit Awards, коишто беа доделени во рамките на Европскиот фестивал на млади иноватори во Грац.

Горјан ја создаде апликацијата “МојВоздух“ пред шест години. Таа работи на тој начин што ги презема информациите од 17 мерни станици поставени ширум Македонија, а е едноставна и лесна за користење. Преку апликацијата се добива постојано известување за квалитетот на воздухот во избраниот регион, а постои можност и за следење на локацијата и доставување информации за најблиската мерна станица во нашата земја. Покрај ова апликацијата го известува корисникот кога загадувањето на воздухот е над дозволеното ниво за селектираниот регион. AirCare функционира на тој начин што ги користи отворените податоци за квалитетот на воздухот од државните, волонтерските и сателитските мерни станици.

Нашиот тим е составен од прекрасни дечки, кои точно знаат како да визуелизираат податоци што на обичниот граѓанин би му биле тешки за разбирање. Ние не ги измисливме овие податоци, но бидејќи ги ‘ослободивме‘, односно ги направивме подостапни и појасни за разбирање, успеавме да ја покренеме јавната свест за загадувањето. Во 2021 целиме да се прошириме насекаде во светот и да имаме податоци од сите сензори. Јужна Америка, Азија и Африка се континенти кои на големо се соочуваат со проблемот на загадувањето и тие ни се следна цел во проширувањето на глобалната приказна на AirCare.“ – изјави Јовановски.

Од месец мај годинава, AirCare отвара нова можност за корисниците – граѓаните да станат амбасадори за чист воздух. Преку симболична месечна донација од 5,99 американски долари, секој граѓанин може да стане амбасадор на AirCare, и со тоа да стане дел од ексклузивната група корисници кои ќе добиваат известувања но и ќе можат да објавуваат податоци за настани, работилници и за вебинари наменети за амбасадорите, како и да помага во одлучувањето за развојот на Aircare.

Најново од овој месец заедно во соработка со Пакомак, во AirCare – Air Quality App можете да ја пронајдете новата мапа на стотици контејнери за рециклирање поставени ширум Македонија!

Македонската апликација AirCare, попозната како МојВоздух, се смета како една од најпознатите општествено одговорни апликации направени во државата, со над 200 000 преземања, која за време на високото загадување, ги информира граѓаните за квалитетот на воздухот што го дишат.