Рубрика: Аеронаутика
Престижно признание од ФАИ за нашиот Коста Стојановски
Автор: Перица Поповски
Објавено на 03.12.2020 - 23:45

Месец декември е период кога се прави резимеа и се сумираат резултатите постигнати во текот на изминатата година. Така направи и Mеѓународната воздухопловна федерација – ФАИ, организација за промоција на воздухопловството и астронаутиката. Вечерва, на посебна церемонија во Лозана, Швајцарија, на која уводен збор имаше претседателот на ФАИ, Боб Хендерсон, беа објавени добитниците на медали и признанија за достигнувања во областа на воздухопловството. Навистина беше гордост да се слушне името на нашиот Коста Стојановски како добитник на дипломата Paul Tissandier.

Воздухопловната федерација на Македонија уште вечерва ја потврди прекрасната вест дека ФАИ му ја додели престижната награда на воздухопловниот моделар Коста Стојановски за особени достигнувања и животно дело. Инаку Коста Стојановски ја освојува титулата национален шампион 24 пати во последните 26 години. Оваа информација ја израдува македонската воздухопловна фела, а и мене лично со оглед на тоа што имав прилика одблиску да го следам неговиот ангажман и настап на моделарските натпревари – како натпреварувач-конкурент, а по натпреварите како пријател и соработник. Во изминатиот период, освен учеството на натпревари Коста даде особен придонес во споделување на своите огромни знаења и искуства вложувајќи се во промоцијата на воздухопловното моделарство, особено категориите Ф-1-Ц (качувачи) и ККЛ Ф-2-А (кружно управувани модели ).

Во изминатиот период со вакво престижно признание се стекнале шестмина воздухопловци од Македонија, меѓу кои и воздухопловниот моделар и едриличар Димче Велковски од АК Прилеп, кому признанието му беше врачено во 2018 година.

Се надеваме дека Коста Стојановски со уште поголем елан ќе ја продолжи својата спортската активност, а дека признанието ќе биде поттик за сите воздухопловци од сите воздухопловни сегменти во Македонија за да продолжат со нивните активности стремејќи се кон уште поголеми успеси.

Организацијата ФАИ (Fédération Aéronautique Internationale) е основана како спортска федерација во 1905 година. Во моментов таа ги обединува воздухопловните организации од преку 100 земји во светот. Седиштето е во Лозана, Швајцарија. По прогласувањето на независна Република Македонија и Воздухопловниот сојуз на Македонија (ВСМ) стана самостојна национална организација. Приемот на ВСМ во семејството на ФАИ се случи на конференцијата во Тел Авив, 1993 година. Со тоа на македонските спортисти им се отвори патот за настап на меѓународната сцена, за презентација на македонскиот воздухопловен спорт на меѓународните настани, но и за организирање на меѓународно признати спортски натпревари.

Клучни зборови:
Коста Стојановски во консултација со натпреварувач пред старт

Коста Стојановски во консултација со натпреварувач пред старт

Коста Стојановски во подготовка на моделот Ф-1-Ц

Коста Стојановски во подготовка на моделот Ф-1-Ц

Старт на моторот на моделот Ф-1-Ц пред полетување

Старт на моторот на моделот Ф-1-Ц пред полетување