Рубрика: Омнибус
Ридли Скот во кампања за итно делување на климатските промени
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.12.2020 - 13:00

Глобалната иницијатива за помагање на одржлив развој (GeSI) на првиот ден од WebSummit ја лансираше кампањата за глобалното движење „Дигитално со цел“ (Digital with purpose). Новиот идентитет на брендот и филмскиот манифест на движењето беше изработен од Ridley Scott Creative Group, со седиште во Амстердам.

Движењето претставува ИКТ (информатичко-комуникациска технолошка) иницијатива која работи со јавни, приватни и беспрофитни организации, за со нивните деловни вредности да влијаат на побрз развој на дигиталната технологија во насока на достигнување на директивите од Парискиот климатски договор и целите за одржлив развој, но истовремено и да се намалат негативните економски последици што може да произлезат од овој напор. Кампањата веќе привлече неколку водечки организации за партнерска соработка во постигнувањето на оваа заедничка цел.

Како што истакнуваат од GeSI, иницијативата созреа токму во услови на пандемија, можеби токму поради тоа што овие услови ја истакнаа улогата на дигиталната технологија и иновациите во начинот на којшто секојдневно комуницираме и напредуваме како заедница. Со зголемувањето на притисокот за забрзување на процесите за дигитализација на општеството, движењето нуди можност за засилување на меѓународната соработка за заедничко справување со глобалните предизвици и поддршка на демократиите со силни етички вредности.

Во промоцијата на трејлерот за кампањата на глобалното движење „Дигитално со цел“, заедно со португалскиот министер за дигитална транзиција Андре Ажеведо, учествуваше и славниот режисер Ридли Скот, добро познат на фановите на научната фантастика по неговите дела од овој жанр – „Марсовецот“,„Блејд ранер“ и „Осмиот патник“, кои се само некои од нив. За потребата да се делува сега и веднаш за да се подигне свеста за климатските промени и итноста да се влијае на нивно забавување, Скот ќе каже:
„Луксузот на научната фантастика е тоа што се работи за фантазија. Ние се соочуваме со реалноста. Премногу, но навистина премногу се залажуваме за состојбата во која се наоѓаме. Се наоѓаме на работ од една бездна на уништувањето, а луѓето и понатаму се ‘фини’ во врска со тоа што се случува. Мислам дека е време да зацврснеме и да покажеме малку сила. Во моментов се наоѓаме во воена зона, во кризна состојба. Се наоѓаме во криза. Некако, мора да се пронајде начин директивата да стане построга и да се дадат конкретни насоки за тоа како треба да се делува за решавање на проблемот.“

Наративот на видео-спотот јасно ги истакнува начините на коишто кампањата има за цел да и помогне на ИТ-индустријата во постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година поставени од Обединетите нации, а формулирани во Парискиот договор.

Клучни зборови: