Рубрика: Медицина
Топ 3 подкасти за дигитален маркетинг
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 30.11.2020 - 10:00

Дигиталниот маркетинг е област што постојано се менува, и тоа е истовремено и негова предност, но и недостаток. Како да бидеме во тек со сите иновации што секојдневно се случуваат во оваа индустрија? Информацијата можеме да ја добиеме на различни начини. Еден од нив е со помош на подкасти. Во овој напис во кратки црти ви ги презентирам моите 3 омилени подкасти кои сметам дека ќе бидат корисни за сите оние што се бават со дигитален маркетинг.

Social Media Examiner

На прво слушање, односно при првата посета на овој веб-сајт голема е веројатноста дека ќе помислите дека тука станува збор само за социјални мрежи. Меѓутоа, овој подкаст ќе ви понуди многу повеќе. Водител е генијалниот Мајкл Стелзнер – ветеран во областа на маркетингот на социјални мрежи. Тој во секоја епизода настојува да ги запознае следачите со новитетите во областа на дигиталниот маркетинг.

Епизодите се состојат од два дела. Во првиот дел Мајкл и неговиот постојан соговорник Ерик Фишер ве запознаваат со некоја дигитална алатка, екстензија за пребарувачи или со апликации кои можат да ви бидат од корист. Во вториот дел се преминува на разговори/интервјуа поврзани за актуелни теми од индустријата. Соговорниците на Мајкл се лидери во дигиталниот маркетинг или брендинг, и нивните совети и искуства ќе ви помогнат да се фатите во костец со постојаните промени што се случуваат.

 

 Pepetual Traffic Podcast

Овој подкаст е нешто поразличен од оној на Стелзнер. Но, тоа не го прави ниту помалку стручен ниту пак помалку значаен како извор на информации. Создаден е во продукција на “premium online заедница за дигитални маркетери“ под името DigitalMarketer

Епизодите на подкастот се конципирани како разговор на тројца водители, членови на DigitalMarketer заедницата. Водителите разговараат за актуелните теми кои ги мачат дигиталните маркетери. Така во една неодамнешна епизода се зборуваше за тоа “Зошто ова и понатаму најдобро време да се биде фејсбук-маркетер и покрај неодамнешните случувања во врска со безбедносните пропусти на оваа мрежа.

Овој подкаст го препорачуваме на поупатените дигитални маркетери, со поголемо техничко знаење.

 

Social Pros Podcast

Еве еден подкаст за љубителите на содржински маркетинг. Домаќинот Џеј Бер ги интервјуира преставниците на познати компании за стратегиите што тие ги спроведуваат, како и што од тоа прокажало конкретни резултати кај нивните целни групи. Приказната во најголем дел е насочена кон содржинскиот маркетинг, но може да се слушне по некој совет и за другите видови на маркетинг.

Подкастот е дело на агенцијата на Џеј Бер, Convince & Convert, која нуди услуги на различни видови советувања од областа на маркетингот. Вклучете се, послушајте, и ќе бидете изненадени колку интересни приказни за големите брендови ќе слушнете. Сајтот го препорачувам за сите маркетери, бидејќи дава инспирација за креирање на стратегија за претставување како преку дигиталните, така и преку конвенционалните канали на комуникација. 

Клучни зборови: