Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 25/26 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.11.2020 - 10:00

Во овој времеплов ги славиме родендените на Јулиус фон Мајер, германскиот лекар кој го откри законот за одржливост на енергијата, и на Ноберт Винер, еден од најголемите математичари на дваесетиот век, познат и како татко на кибернетиката.

 

25.11.1814 – Роден е Јулиус фон Мајер

Јулиус фон Мајер (Julius Robert von Mayer) е германски лекар кој од хоби почнал да се занимава со физика и постигнал значаен успех на ова поле. Тргнувајќи со сосема раслични претпоставки од Џејмс Џул, речиси истовренемо со него го открива механичкиот еквивалент на топлината а со тоа и првиот закон на термодинамиката, односно принципот за одржливост на енергијата – “Енергијата ниту може да се создаде ниту да се уништи”. Ова значи дека количеството на енергија во еден затворен систем е константна, а ги опфаќа како механичката така и топлинската енергија.

Голем дел од работата на Мајер се однесува на тоа како еден вид енергија се претвора во друг. Впрочем, тој е еден од првите што препознал дека растенијата ја претвораат светлината во хемиска енергија, а дека процесот  на оксидација е примарен извор на енергијата кај живите суштества. Мајер развил и една метода за одредување намолекуларната маса на гасови и пареа.

Скептицизмот со којшто се соочил во поглед на неговата работа, подоцнежната борба за приоритет на откритијата со Џул и со Хелмхолц, како и личната трагедија на губиток на две деца, тешко го погодиле Мајер и длабоко влијаеле врз неговото ментално здравје носејќи го на работ од самоубиство. Поради ова тој извесно време ќе помине во лечење на душевните рани во ментални институции, а по нивното напуштање повторно ќе започне со објава на научни трудови. Упорноста ќе му донесе признание за неговата претходна работа. Во 1962 година ќе му биде признаен приоритетот за формулација на законот за зачувување на енергијата.

Работата ќе му донесе и почесен докторат како и признание од државата во вид на благородничка титула. (Н. С.)

 

25.11.1997 – Пиксар ги прикажа “Животот на една бубачка” и “Шахистот”

Студиото за анимација Пиксар го издаде својот втор долгометражен компјутерски анимиран филм “Животот на една бубачка“(A Bug's Life) на којшто му претходеше со компјутерски анимираниот краток филм “Шахистот” (Geri's Game). “Животот на една бубачка”, кој уследи го успехот на “Приказна за играчките“ (Toy story), претставува приказна за група бубачки кои се здружуваат со цел да ја поразат групата инвазивни скакулци. При неговото прво прикажување во САД филмот заработи повеќе од 160 милиони американски долари. Краткиот филм “Шахистот” ќе ја освои наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 1997 година. (И. З.)

 

26.11.1894 – Роден е Норберт Винер, татко на кибернетиката

Норберт Винер (Norbert Wiener) е амерички математичар и информатичар, но и зачетник на кибернетиката како наука. Уште во најраното детство покажал исклучителен талент и умствени способности. Неговиот татко, професор по славјански јазици на Универзитетот Харвард, ќе изработи специјална програма за негово образование во домашни услови и ќе работи на образованието на Норберт до 1903 година, подготвувајќи го за научна кариера.

Норберт Винер матурирал на 11 годишна возраст, по што се запишал на Тафт колеџот. Се стекнал со диплома од областа на математиката на само 14 години, по што во 1909 година, запишал додипломски студии по зоологија на Универзитетот Харвард. Во 1910 година се префрла на Корнел за да студира филозофија. Дипломира на 17 годишна возраст, по што се враќа во Харвард на постдипломски студии. Токму на Харвард големо влијание ќе има Едвард Хантингтон, чиишто интереси во математиката се движеле од аксиоматски основи до инженерски проблеми. Винер ќе ја одбрани неговата докторска теза од областа на математичката логика на само 19 години, по што ќе стане професор на неколку универзитети.

За време на Втората светска војна Норберт винер ќе работи на противавиоско оружје, работа којашто ќе го поттикне неговото истражување на теоријата на информатиката. Го открил винер филтерот и ги формулирал законите на кибернетиката, а учествувал и во создавањето на постулатите на роботиката, компјутерската контрола и автоматиката. Неговата работа на полето на електрониката и информатиката ќе има големо влијание и врз другите науки како биологијата, филозофијата и социологијата. По политичко убедување бил пацифист и противник на милитаризацијата, па по завршувањето на Втората светска војна одбивал каков и да е паричен надоместок од владата на САД за неговата научна работа. Винер бил противник на нуклеарното вооружување и токму од овие причини не бил вклучен во проектот Менхетн за развој на атомска бомба.

Норберт Винер е добитник на голем број признанија за неговата работа и се смета за еден од најголемите математичари на дваесеттиот век. (Н. С.)

Клучни зборови:
Портрет на Јулиус Мајер

Портрет на Јулиус Мајер

Јулиус Мајер

Јулиус Мајер

Норберт Винер

Норберт Винер

Норберт Винер, чудо од дете

Норберт Винер, чудо од дете

Норберт Винер

Норберт Винер 

Норберт Винер

Норберт Винер