Рубрика: Омнибус
Ин мемориам Дионис Пашлаков (1948 – 2020)
Автори: Миле Кокотов, Редакција Емитер
Објавено на 16.11.2020 - 20:45

Дионис Пашлаков, Z32DP, пензионираниот професор по биологија од Неготино, замина во вечниот незаборав резервиран само за луѓе со благородна душа.

Беше еден од ретко добрите искрени и ненаметливи луѓе, секогаш расположен за муабет. Ја сакаше техниката, радиоаматерството и воздухопловната техника, а посебна страст имаше кон колекционерството на стари моторни возила (олд тајмери).

Дионис преку радиобрановите одржуваше врски со радиоматери од целиот свет. Ретко кој радиоаматер не знае дека Диониос беше меѓу првите во Македонија кои работеше аматерска SSTV (Slow Scan Television, односно, пренос на слики преку радиоаматерска теснопојасна модулација, а бројни вљубеници во радиотехниката доаѓаа да го посетат за да украдат малку од неговото искуство.

Неговиот радиоаматерски повикувачки знак, Z32DP, често можеше да се слушне преку радиобрановите низ целата земјина топка.

За големината и сестраноста на Дионис говори неговиот интерес и сериозен ангажман на повеќе полиња, меѓу кои и во сферата на воздухопловното моделарство. Во активностите на аероклубот во неговиот град Неготино е вклучен уште од самите почетоци, од основањето во осумдесетите години на нашиот век кога Ѓорѓи Чачкиров таму ги одржал првите курсеви по воздухопловно и ракетно моделарство. Дионис, кој се стекнал со звањето наставник по моделарство, неколкупати бил и водач на екипи моделари од Македонија на натпреварите што под името Слет на Селенитите се одржуваа на воените аеродроми ширум поранешна Југославија. А интересот за моделарството продолжил и по осамостојувањето на Македонија.

Пред неколку години Дионис стана познат за пошироката јавност поради тоа што за него беше снимен документарен филм „Со Љубов“ (Аvec l’amour). Во филмот се отсликува Дионис како пасиониран колекционер на стари моторни возила.

ЕМИТЕР беше во подготовка да направи една репортажа за неговата пасија и неговиот технички музеј. Беше договорена средба за пролетта оваа година, но пандемијата ги поремети сите планови. Жалосна е горката вистина дека великиот Дионис не е повеќе меѓу нас. Но неговиот технички музеј, кој со страст го создаваше, е ука и поука дека техниката е клучот на цивилизацијата во овој век, а и во иднина – впрочем како и секогаш во историјата, од Антиката до денес. Историјата на техниката на ова поднебје, која на тацна е претставена во Музејот на олд тајмери во Неготино од Дионис Пашлаков, едуцира, забавува и опоменува!

Една од најголемите желби на Дионис беше неговата збирка на автомобили, моторцикли, па дури и воздухоплови, да ја остави во завет на градот Неготино, во форма на музеј на стари возила.

Добродушниот Дионис, со детска искреност, по малку дури и наивно им веруваше на сите. Беше полн со волја за живот, ама злокобната болест го оттргна од нас пријателите.

Нека почива во мир, нашиот Дионис. Вечно ќе го паметиме како прекрасен човек!

 

 

Клучни зборови:
Дионис Пашлаков и нашиот соработник Перица Поповски заедно со моделарскиот подмладок, на некој од натпреварите во Словенија

Дионис Пашлаков и нашиот соработник Перица Поповски заедно со моделарскиот подмладок, на некој од натпреварите во Словенија