Рубрика: Биологија
Старите пријатели се на цена и кај шимпанзите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.11.2020 - 11:15

Со напредокот на возраста луѓето ја претпочитаат дружбата во мали групи стари пријатели, каде интеракциите се позитивни и без стрес. Нешто што се чини дека го прават и шимпанзите.

Карактеристиката за која се сметаше дека е својствена само за луѓето, кај нашите “блиски роднини” ја забележа тимот составен од научници од четири универзитети од САД и Универзитетот Макерер од Уганда. Резултатите од нивното истражување беа објавени на страниците на реномираниот Science.


Психолозите и приматолозите во текот на две децении поминале 78 000 часа набљудуваќи ги социјалните интеракции меѓу 21 машко шимпанзо, на возраст од 15 до 58 години, чијшто дом е Националниот парк Кибале во Уганда.

Истражувањата биле фокусирани само на машките примероци, бидејќи тие покажуваат посилни социјални врски и имаат почести социјални интеракции отколку женките.

Во нивниот труд објавен во Science тимот опишува како со напредокот на возраста шимпанзата градат повеќе меѓусебни и позитивни пријателства отколку помладите шимпанза, кои имаат повеќе еднострани, антагонистички врски. И иако се честопати сами, постарите шимпанза исто така повеќе се дружат со важни социјални партнери.

Интересно е ако оваа појава се разгледа низ призмата на теоријата за социоемоционална селективност. Според неа луѓето како што стареат им даваат приоритет на веќе воспоставените односи, што се должи на сопственото непосредното чувство за смртност и желбата да го искористат најдоброто од времето што им преостанува. Иако научниците потенцираат дека шимпанзата ја немаат истата перцепција за смртта како и човекот со напредокот на возраста, интересно е тоа што покажуваат слични социјални тенденции.

Според авторите зголемувањето на социјалната селективност можеби се должи на отсуството на богата идна временска перспектива. Па така моделите на однесување кои се објаснуваа со теоријата за социоемоционална селективност се чини дека се присутни и кај другите животински видови и сосема е можно дека не зависат од свесноста на човекот за минливоста на времето и неодложната евентуална смрт.

Клучни зборови: