Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 17/18/19 октомври
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 19.10.2020 - 08:00

Во овој времеплов ги славиме родендените на американскиот лекар и патолог, Ернест Гудпасчр, на малото транзисторско радио и на британската радиодифузна компанија ББЦ. Покрај ова го одбележуваме делото на Томас Алва Едисон и конструкцијата на компјутерот SWAC.

 

17.10.1886 – Роден е Ернест Гудпасчр

Ернест Гудпасчр (Ernest Goodpasture) е американски лекар и патолог, заслужен за откривањето на методата за култивирање вируси во пилешки ембриони и оплодени пилешки јајца. Претходно вирусите биле одгледувани исклучиво во живи ткива, што примероците ги правело подложни на бактериски загадувања. Методата со користење јајца овозможува лесен и евтин начин за проучување на вирусите. Откривањето на оваа метода е заслужна и придонесе за развојот на вакцините за мали сипаници, жолта треска, тифус и овчи сипаници. (Н. С.)

 

18.10.1954 – Промовирано првото преносно транзисторско радио Regency TR-1

На 18 октомври 1954 година, со многу голем публицитет беше промовирано првото преносно транзисторско радио, Regency TR-1. Радиото чинеше 49,95 американски долари, што пренесено во денешни пари би изнесувало околу 450 долари. Иако радиото доби пофалби за иновативноста и за малите димензии, сепак имаше одредени забелешки за слабата осетливост и квалитетот на звукот. Прегледот во списанието “Извештаи од потрошувачите” (Consumer Reports) го споменува високиот степен на бучава и нестабилност на одредени радиофреквенции, препорачувајќи да не се купува. Но, и покрај овие забелешки, успехот бил фантастичен.

Во 1947 година бил измислен револуционерен уред, полуспроводничка компонента во цврста состојба, способна за засилување, наречена транзистор. Неговата вистинска примена во производи за широка потрошувачка била ограничена, бидејќи производството на транзистори допрва требало да биде усовршено. До почетокот на 1954 година, Тексас Инструментс – ТИ (Texas Instruments) од Далас во Тексас го усовршил производството до тој степен што транзисторите станале доволно евтини за употреба во производи за широка потрошувачка. Во TИ дошле до идеја дека преносно рачно радио ќе биде најинвентивната апликација на новата технологија. Пристапиле кон неколку големи корпорации за производство на радио што би го дизајнирале со помош на ТИ транзистори. Компаниите, како што биле RCA, Philco, Emerson, Motorola - не верувале дека времето на транзисторот пристигнало и ја одбиле понудата. ТИ конечно нашол партнер во компанија наречена Industrial Development Engineering Associates (I.D.E.A.) од Индианаполис во Индијана. Нејзиниот главен производ до тогаш била линија на телевизиски сигнални засилувачи со електронски ламби, кои се продавале под името на брендот Regence. Компанијата ја прифатила шансата да произведе транзисторско радио. Целта била новото радио да биде промовирано на пазарот пред Божиќните празници во 1954 година. Бидејќи ова било оддалечено само неколку недели, производството на радиото брендирано како Regency TR-1 (патентирано од поранешниот Проект Инженер од I.D.E.A Richard C. Koch, US 2892931), морало да биде вистински подвиг во брзање за исполнување на крајниот рок. Радиото било дизајнирано користејќи компоненти кои биле на располагање. Колото било прилично едноставно, но заземало многу простор, бидејќи компонентите не биле минијатурни како што ги очекуваме денес. Инженерите најнапред одлучиле за големината на куќиштето на новото радио. Еден транзистор бил отстранет од колото во однос на првобитниот проект со цел да се намалат трошоците и да се соберат сите делови во куќиштето. Производство на Regency TR-1 започнало на 25 октомври 1954 година. Тоа бил колективен напор од производителите низ целата земја. Транзисторите и трансформаторите доаѓале од Texas Instruments во Далас. Кондензатори од International Electronics, Inc. од Нешвил, Erie Electronics од Ери, Пенсилванија и Centralab од Милвоки, Висконсин. Звучниците од Jensen во Чикаго, Илиноис. Контролата на јачината на звукот дошла од Chicago Telephone Supply во Елхарт, Индијана. Кондензаторот за подесување дошол од Radio Condenser Co. во Камден, Њу Џерси. Printed Writing, Inc., ја произвел првата табла за колото. Пластичната кутија била произведена од Argus Plastics во Индијанаполис, Индијана.

До пролетта 1955 година биле произведени 60 000 примероци на TR-1. Другите производители одушевени од маркетиншкиот успех почнале веднаш да прават нивни сопствени производи. Некои производители, како Булова (Bulova) и Мичел (Mitchell) решиле да го продаваат TR-1 под свои имиња, а во некои случаи во ново пакување. (Д. М.)

 

18.10.1922 – Формирана e Британската радиодифузна компанија (BBC)

Британската радиодифузна компанија, како што првично била наречена Би-Би-Си, била формирана на 18 октомври 1922 година од група водечки производители на безжични мрежи, вклучително и Маркони. Дневното емитување од страна на BBC започнало во лондонското студио на Маркони, 2LO, во Странд, на 14 ноември 1922 година. 33-годишниот Сер Џoн Рит (John Reith) станува првиот Генерален директор на 14 декември 1922 година.

Првото јавно емитување во живо во Велика Британија било направено од фабриката на компанијата “Безжичен телеграф“ на Маркони во Челмсфорд, уште во јуни 1920 година, спонзорирано од лордот Нортклиф (Northcliffe). Гостувала славниот австралиски сопран Дам Нели Мелба (Dame Nellie Melba). Преносот на Мелба означил пресвртница во односот на британската јавност кон радиото. Сепак, овој јавен ентузијазам не бил споделен во официјалните кругови чиј притисок врз органот за лиценцирање, Генералната пошта (General Post Office - GPO), бил доволен да доведе до забрана за понатамошно емитување радиопрограма од Челмсфорд. Но, до 1922 година пристигнале речиси 100 барања за лиценца за емитување и петиција од 63 “безжични друштва” со над 3000 членови. Генералната пошта, со цел да ја избегне истата хаотична експанзија доживеана во САД, предложила да издаде единствена дозвола за радиодифузија на компанија во мешовита сопственост на конзорциумот од водечки производители на безжични приемници, позната како Британска радиодифузна компанија (British Broadcasting Company Ltd.- BBC). Компанијата требало да биде финансирана од хонорар при продажба на безжичните сетови за прием на радиопрограмата на BBC од одобрени домашни производители. Финансиските аранжмани наскоро се покажале како несоодветни. Продажбата на сетови била разочарувачка бидејќи аматерите правеле свои приемници, а слушателите купувале ривалски нелиценцирани комплети. По долготрајни дискусии околу иднината на BBC и барање на решенија за нејзиното финансирање и опстанок, следувало прифаќањето на препораките од страна на Владата и т.н. Крафордскиот комитет (1925–26), Британската радиодифузна компанија да биде заменета со некомерцијална, овластена крунска организација: Британска радиодифузна корпорација (British Broadcasting Corporation – BBC). Таа е основана со Кралска повелба во јануари 1927 година и работи според Договор со државниот секретар за дигитални, културни, медиуми и спорт, со седиште во Радиодифузната куќа во Вестминстер, Лондон. Повелбата ги дефинирала целите, овластувањата и обврските на BBC. Главно се занимава со широки прашања на политика, додека генералниот директор и високиот персонал се одговорни за детално исполнување на таа политика.

Тоа е најстариот национален радиодифузер во светот, и воедно најголем според бројот на вработени. Вкупно вработува 22 401 вработени во 2019 година.

Работата на BBC е финансирана главно од годишен надоместок за телевизиска лиценца, кој се наплатува од сите британски домаќинства, компании и организации кои користат некаков вид опрема за примање или снимање телевизиски преноси во живо или прием на iPlayer. Надоместокот е утврден од Британската Влада, договорен со Парламентот, и се користи за финансирање на радиото, телевизијата и мрежните услуги на BBC кои ги покриваат нациите и регионите на Велика Британија. BBC емитува на 28 јазици и обезбедува сеопфатни ТВ, радио и онлајн услуги на арапски и персиски јазик.

Околу една четвртина од приходите на BBC доаѓа од нејзината комерцијална подружница BBC Студио (поранешна BBC во светот), која продава програми и услуги на BBC на меѓународно ниво, а исто така ги дистрибуира меѓународните 24-часовни новински сервиси на BBC на англиски јазик.

Во време кога американските, австралиските и канадските станици привлекувале огромна публика што навивала за своите локални тимови со емитување на бејзбол, рагби и хокеј, BBC ја нагласила услугата за национална, а не за регионална публика. (Д. М.)

 

18.10.1931 – Починал Томас Алва Едисон

Томас Алва Едисон (Tomas Alva Edison) е американски пронаоѓач и бизнисмен, познат во светот по многубројните патенти и пионерски проекти.

Интересни се неговите први допири со техниката. Како награда за спасување на синот на шефот на железничката станица, 12-годишниот Едисон добил можност да ракува со телеграф и тоа е неговата прва техничка обука. Младиот Томас неколку години работел како телеграфски оператор насекаде низ САД. За тоа време успеал да заштеди доволно пари за да почне свој сопствен бизнис, при што во сопствената работилница го покажал сиот свој генијален пронаоѓачки талент. Томас Едисон е самоук пронаоѓач. Тој уште како млад почнал да создава и да објавува технички пронајдоци и иновации. Во 1876 година во паркот Менло, недалеку од Њу Јорк ја основал надалеку познатата лабораторија во која работел сè до смртта, а во неа, во 1884 година работел и Никола Тесла на усовршување на динамо-машината. Најпознати изуми на Едисон се микрофонот со јаглени зрнца, мегафонот, фонографот, машина за пишување, телеграфски апарат кој отчукува печатени букви, едноставна конструкција на кинематограф на основа на стробоскопски ефект и други. Важен негов изум е светилката со вжарено влакно која се користи и денес. Едисон е четврти најплоден изумител на сите времиња, кој во американското биро за патенти пријавил 1093 изуми. Се зборува дека меѓу нив има и “позајмени” од други пронаоѓачи, а меѓу нив бил и Тесла. (К. А.)

 

19.10.1948 – NBS го овластува проектот SWAC

Националното биро за стандарди ја одобрува изградбата на комјутерот SWAC (Standards Western Automatic Computer). Машината, дизајнирана од страна на Хери Хаски, ќе биде изградена во Институтот за нумеричка анализа во Лос Анџелес, а е планирана како привремено решение до изградбата на некој подобар и поголем компјутер. Нејзиниот постар брат СЕАЦ веќе вршел слична функција, и бил задолжен за тестирање на компоненти и системи за компјутерски стандарди. (И. З.)

Ернест Гудпасчр

Ернест Гудпасчр

Понудата на TR-1 била во шест стандардни бои: црна, бела, сива, махагонија, мандарина црвена и ќилибарно зелена

Понудата на TR-1 била во шест стандардни бои: црна, бела, сива, махагонија, мандарина црвена и ќилибарно зелена

Поставеноста на елементите во радиото Regency TR-1

Поставеноста на елементите во радиото Regency TR-1

Микрофон „Тип А“ (1934)

Микрофон „Тип А“ (1934) - Комерцијално достапните микрофони биле скапи во 30-тите години на минатиот век, така што BBC работела со компанијата на Маркони за да развие сопствен модел. „Тип А“,  станал класичен микрофон на BBC, како што се гледа во драмите и филмовите од тој период

Кралот Џорџ V бил првиот британски монарх што се обратил преку радио (декември 1932)

Кралот Џорџ V бил првиот британски монарх што се обратил преку радио (декември 1932).  Моментот бил искористен за да се инаугурира почетокот на BBC Empire Service, претходник на денешниот светски сервис на BBC, и гласот на кралот за прв пат бил слушнат од милиони истовремено

Томас Алва Едисон

Томас Алва Едисон

комјутерот SWAC

комјутерот SWAC

Еден од блоковите на комјутерот SWAC со вакуумски цевки

Еден од блоковите на комјутерот SWAC со вакуумски цевки