Со цел да се подигне свесноста за квалитетот на воздухот во нашата земја, здружението "Еко-свест“ и Амбасадата на Кралството на Шведска ќе избираат најдобра фотографија на темата "50 нијанси воздух" . Сите фотографии, кои ќе бидат испратени до 15 октомври и кои ќе ги исполнуваат критериумите, ќе бидат дел од патувачката фото-изложба која ќе може да се види во јавниот превоз во Скопје.
Првонаградениот ќе добие прочистувач за воздух Blue Air. За второто место се обезбедени термос, планинарско ранче и фитнес маичка, а третонаградениот ќе добие планинарско ранче, маичка, торба за пазарење и ѕвонче за велосипед.
"Урбаните средини стануваат сé понаселени, а со тоа и позагадени, со негативно влијание врз човековото здравје. Затоа, сите мора да покажат посветеност ваквата состојба да се промени, а градовите да се трансформираат во зелени, енергетски ефикасни, безбедни и здрави места за живот, на овие, и на следните генерации", велат од "Еко-свест".
Сите заинтересирани ќе можат да испратат фотографија која најдобро ја прикажува состојбата со квалитетот на воздухот во нашето опкружување кои прикажуваат позитивни и негативни примери во околината.
"На фотографијата треба да биде прикажано Вашето доживување на квалитетот на воздухот кој го дишете, негативните страни на загадениот воздух, но и позитивен пример за тоа како Вие го решавате проблемот со аерозагадување и влијаете за негово намалување", се вели во повикот.
Во натпреварот можат да учествуваат лица, кои се полнолетни (постари од 18 години) на денот на пријавување во наградниот натпревар и ги исполнуваат условите за учество во наградниот натпревар.
Сите детали и критериуми можат да се прочитаат на веб страницата на Еко-свест www.ekosvest.com.mk