Рубрика: Информатика
Со Taxi - Такси најбрзо до такси превоз...
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.09.2020 - 13:30

... кога било и каде било! Вака барем вели тимот на cheekyEn, кој ја создаде оваа мобилна апликација

Андроидните апликации со регистри на такси компании можеби и не се некоја новост. Впрочем, речиси секој од нас има барем една таква на сопствениот паметен телефон. Но, она што го нуди новата апликација Taxi - Такси е вистинска новина и освежување.

Имено, апликациите со коишто досега можевте да повикате такси беа ограничени или локално, со регистар на такси-компании од Скопје, или пак беа врзани со компаниска апликација. Taxi - Такси, делото на тимот cheekyEn, има одлична база со податоци од сите македонски такси компании и она што ја прави оваа апликација различна е тоа што ги покрива сите градови во Македонија. Како што вели развојниот тим, апликацијата има беспрекорна автоматска локација на корисникот и брза мануелна локација по потреба.

По инсталирањето, можам да потврдам дека апликацијата е лесна и интуитивна за користење, како што тврди и тимот на cheekyEn. Минималистичкиот дизајн и одличната анимација само го дополнуваат впечатокот. Иако имаше проблем со автоматското одредување на моменталната локација, проблемот бргу се реши со префрлање на мануелно внесување, по што информацијата беше презентирана моментално на екранот. Но затоа префрлањето кое се прави до апликацијата за телефонски повици, преку избор на команијата што сакате да ја користите и притискање на иконката со телефонска слушалка, функционира беспрекорно.

Од нејзиното појавување во продавницата на Гугл плеј, на 31 август, до денес, 20 септември, апликацијата веќе има 500+ преземања и повеќе одлични препораки, на кои ќе ја приклучиме и нашата.

За да ја преземете апликацијата, сè што треба да сторите е да го следите следниов линк за Google Store, тука, или за Apple App Store, тука.

Клучни зборови: