Изминатиот викенд, односно на 13.9.2020 година на спортскиот аеродром крај с. Логоварди во Битола се одржа натпревар на најдобрите воздухопловни моделари во категорија РУ Ф5Ј електроедрилици, една од најпрестижните категории во која воздухопловните моделари покажуваат максимални знаења во областа на радиоуправувани модели.
Организатор на натпреварот што се одржа на спортскиот аеродром с. Логоварди крај Битола, беше Воздухопловната федерација и АК “Мирко Тодоровски”, Битола.
Почитувајќи ги протоколите главниот судија Пеце Илиевски, кој е воедно и претседател на моделарската комисија при ВФМ, во присуство на секретарот на ВФМ, Биљана Софија Еверете, одржа состанок со натпреварувачите и судиите на натпреварот. Притоа се констатира дека учество зедоа 8 натпреврувачи од аероклубовите од Скопје, Прилеп, Каварадрци, Неготино и, градот домаќин, Битола.
Натпреварот се одржуваше согласно Правилникот на ФАИ (Меѓународната воздухопловна федерација) за одделот воздухопловни модели, категорија Ф5Ј, радиоуправувани електроедрилици. Учесниците беа поделени во две групи и натпреварот започна согласно предвидениот термин, во 6 турнуси (летови). По одржаните летови од двете групи се издвоија по 3 натпреварувачи кои ги постигнаа најдобрите резултати во групите, по што се одржаа додатни летови до определување на победникот.
Да појаснам, натпреварот се одвиваше со полетување со електромотор и негова работа во времетраење од 30 секунди, по што моторот се исклучува а задачата на натпреврувачите беше да направат лет во траење до 10 минути, за потоа прецизно да го слетаат моделот во одредена точка, односно што поблиску до целта. Покрај електромоторот секој модел беше опремен о со записник на летот (flight recorder), електронски уред којшто којшто автоматски ја прекинува работата на електромоторот и од кој се дознава колкава висина била постигната. Инаку распонот на крилата електромоторните едрилици е од 2,5 до 4 метри.
По задолжителните 6 лета во двете групи и дополнителните 2 за одредување на победникот, се пресметаа резултатите и се одреди пласманот на натпреварувачите.
Пред проглсувањето на победниците секретарот на ВФМ Биљана Софија Еверет, даде висока оценка за квалитетот на натпреварот и масовноста, и го прогласи за успешен, а потоа главниот судија Пеце Илиевски ги подели медалите и признанија на најуспешните.
Првото место го освои Горан Стевковски од АК “Витачево“ од Кавадарци пред Драган Цветановски од АК ”Мирко Тодоровски“ од Битола. Третото место го освои еден најуспешните во ова категорија во изминатите натревари, Гоце Јосифовски од АК “Витачево“ од Кавадарци.
На натпреварот имаше претставници од сите моделарски клубови во Републиката – аероклубовите од Скопје, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Охрид дадоа особен придонес во организацијата за одржување на натпреварот и масовно го поддржаа. Моделите со кои се натпреваруваа учесниците беа од највисок квалитет и дека имаа соодветна електронска поддршка, а на натпреварувачите им остана само да ги покажат своите вештини. На крај, не можам а да не го споменам и натпреварувачот од Неготино, Сашо Милошевиќ, кој и покрај тешката повреда на ногата натпреварот го помина летајќи го моделот седнат на столица со ограничен видик. Трагичар на овој натпревар беше натпреварувачот од АК Скопје, Иван Христов, кој поради технички дефект на радиоуредите изгуби контрола над моделот и го оштети 100%.
Тоа укажува дека љубителите на воздухопловното моделарство даваат сè од себе и морално и материјално да ги покажат своите вештини, но нивните резултати понекогаш зависат и од радиоуредите кои се вградени во моделите и, евентуално, од техничките пречки од други фреквренции.
По официјалниот натпревар моделарите со радиоуправувани моторни модели од Скопје, Недан Пановски и Иван Христов, и Сашо Милошевиќ од АК Неготино направија приказ на летање.