Во пресрет на големиот празник 29 години од осамостојување на Република Македонија, Куманово по вторпат беше домаќин натпреварот во прецизно слетување со едрилици. Повторно на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово се одржа натпревар на најдобрите едриличари од нашата Република.
КУП натпреварот во организација на Воздухопловната федерација на Македонија (ВФМ) и Аеро Клубот Куманово од Куманово, под водство на Претседателот Петковски Никола, и со поддршка на многу спонзори се одржа изминатиот викенд, 5 септември.
Натпреварот беше организиран под посебен протокол, поради пандемијата на Ковид-19, што оневозможи учество на натпреварувачи од други држави, како што беше во минатата година. Па така на натпреварот учество зедоа само едриличарите од Република Македонија, и тоа од три клуба – АК Прилеп, Римини Аир и домаќинот АК Куманово, со вкупно 6 натпреварувачи.
Учесниците се натпреваруваа во дисциплината прецизно слетување во поединечна и во екипна конкуренција. Раководител на натпреварот беше ветеранот Драган Саздовски – Кипе, а будно го следеа тројцата судии, Фрањо Бојковски, Влајко Стојчевски и Тодорчо Пановски, којшто беше назначен за главен судија.
По изведбата на одредениот број полетувања и слетувања, во поединечна конкуренција беа наградени Марјан Ивановски, Мартин Јовановски и Никола Ивановски. Во екипна конкуренција првото место го освои тимот на Rimini Air во состав Марјан Ивановски и Никола Ивановски, пред Мартин Јовановски и Ѓорѓи Манчевски од АК Прилеп, а третопласирани беа Ненад Давидовиќ и Бобан Милановски од АК Куманово.
Признанијата и медалите, како и пехарите за најдобрите поединци и екипи беа доделени на крај на натпреварот. Раководителот на натпреварот Драган Саздовски – Кипе им се заблагодари на сите за учеството, но и за одличните резултати како и за високиот степен на безбедност при летањето.
Од изјавите на учесниците преовладува впечаток дека беше организиран извонреден натпревар што претставува чекор напред во развојот на овој сегмент од воздухопловните спортови. Факт е што во моментов воздухопловното едриличарство стагнира поради тоа што часовите за летање се мошне скапи учеството се сведува на најголемите ентузијасти и љубители на воздухопловното едриличарство. Да веруваме дека во наредниот период воздухопловниот спорт ќе се стимулира, ако ништо друго барем за да се обноват летачките дозволи на голем број едриличари, моторни пилоти и падобранци.
На крај би се заблагодарил на организаторите на овој натпревар, ВФМ и аеро клубот Куманово за остапените фотографии како и ранг листите со пласманот на учесниците. Верувам дека традицијата во воздухопловно едриличарство и во прелети ќе продолжи и, секако, се надевам дека следната година ќе бидам присутен на третиот Бланик Куп.