Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 14/15.8.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.08.2020 - 15:45

Во овој времеплов ги славиме родендените на данскиот физичар Ханс Ерстед, на британскиот физиолог Ричард Дарвин Кејнс и на францускиот физичар и нобоеловец Луј де Број. Исто така го одбележуваме и денот кога истражувачите на СЕТИ го забележија WOW сигналот.

14.8.1777 – Роден е Ханс Кристијан Eрстед, дански физичар

Ханс Кристијан Eрстед (Hans Christian Ørsted) прв покажал дека електричната струја создава магнетно поле.

Ерстед забележал дека иглата на компасот се насочувала кон жицата кога низ неа течела електрична струја. Тој открил и дека при промена на насоката на струјата, магнетната игла од компасот исто така ја менувала насоката, поставувајќи се во обратна насока. Ерстед најнапред сметал дека магнетното поле се зрачи од жицата како топлина, но подоцна открил дека всушност тоа се простира околу жицата.

Овие откритија ја поставија основата на електродинамиката. Иако електричната енергија и магнетизмот биле познати со векови, дотогаш тие се сметале за посебни, независни феномени. Ерстед е првиот што ги поврзал овие две појави. Но, и покрај тоа, тој не направил нешто повеќе за истражување на електромагнетниот ефект. За ова значајно откритие тој напишал краток трактат и потоа преминал кон истражување на други теми. Електромагнетизмот ќе мора да почека на францускиот физичар Андре-Мари Ампер за овој ефект да биде математички претставен и дефиниран.

Реконструкција на Ерстедовиот лабораториски експеримент (видео: Оливер Зајков, Универзитет Св. Кирил и Методи) 

Покрај откривањето на електомагнетизмот Ерстед прв успеал да го изолира алкалоидот што се наоѓа во биберот, познат како пиперин. Ова соединение му го дава карактеристичниот мирис на биберот. Тој, исто така, бил и првиот кој успеал да го добие металот алуминиум од алуминиум хлорид.

Единицата за магнетна индукција во CGS системот за мерни единици  е именувана по него. CGS системот, познат и како Гаусов систем, во своја основа ги има мерните единици сантиметар, грам и секунда (centimetre, gram, second). (Н. С.)

 

14.8.1919 – Роден е Ричард Кејнс, британски физиолог

Ричард Кејнс (Richard Darwin Keynes) ги проучувал хемиските патишта на нервните импулси. Тој прв го проследил движењето на јоните на натриум и калиум во внатрешноста на нервното ткиво. Ова го направил употребувајќи радиоизотопи од овие два елемента. Интересно е што Кејнс е пра-правнук на Чарлс Дарвин, англискиот природонаучник кој ни ја дадеТеоријата за еволуцијата на живите суштества со природна селекција. (Н. С.)

 

15.8.1892 – Роден е Луј де Број, франциски физичар

Луј де Број (Louis de Broglie) е заслужен за откритието коешто донесе до развојот на квантната механика. Тој ги проучувал делата на Ајнштајн и Макс Планк, кои покажале дека светлината може да има двојна природа, да се однесува и како бран и како честичка. Тој хипотетизирал дека истото треба да важи и за материјата. Имено, материјата треба да поседува својства на бран, покрај нејзините очигледни физички својства. Во својата докторска теза де Број изложил математички опис на брановата должина на електронот во движење. Должината на брановите на честичката треба да биде обратнопропорционална со моментумот на честичката. Ова ќе стане познато како двојност на бранот-честичка, односно како Бројова хипотеза.

Теоријата на Де Број ќе биде потврдена во 1927 година, од Дејвидсон и Гермер кои го измериле Брагоцото расејување на електроните пуштени низ кристал. Електроните се расејале на на ист начин како што тоа го прават x-зраците (икс-зраците). Користејќи ги формулите за дифракција на х-зраци, тие успеале да ја пресметаат брановата должина на електронот и истовремено откриле дека оваа бранова должина зависи од моментумот на електронот. Оваа потврда на Де Број ќе му ја донесе Нобеловата награда за физика во 1927 година за откривање на брановата природа на електроните.

Ова откритие другите научници, како Ервин Шредингер, ќе го рафинираат и ќе го прошират неговото истражување воведувајќи нова гранка во физиката – квантна механика. Де Број ќе продолжи да работи на неговите теории на бранови и ќе придонесе за развојот на повеќе теории во рамки на ова ново научно поле. (Н. С.)

 

15.8.1977 – СЕТИ го детектира WOW сигналот

На 15. август 1977 г. радиотелескопот Големото уво и дел од проектот СЕТИ го регистрирал познатиот “WOW!” сигнал со извор од длабоката вселена. Сигналот го забележувал тогашниот волонтер на проектот СЕТИ, Џери Ехман, којшто на маргините од извештајот го испишува познатото Wow! Сигналот ги носел карактеристиките на вонземско и екстрасоларно потекло и траел цели 72 секунди.

Сигналот имал две различни фреквенциски вредности 1420,356 MHz и 1420,4556 MHz, коишто се блиски со водородната линија. Фреквенцијата на водородот е важна за истражувачите од СЕТИ бидејќи водородот е еден од најчестите елементи во вселената и резонира на фреквенција од 1420,40575177 MHz, па така вонземјаните би можеле да ја употребат оваа фреквенција за емитување на силен комуникациски сигнал. Двете фреквентни вредности се на подеднаква оддалеченост од водородната линија, точно 0,0498 MHz под и над неа, додека опсегот на сигналот е помал од 10kHz. Сигналот никогаш повторно не е детектиран. (Н. С.)

Клучни зборови:
Ханс Кристијан Eрстет, дански физичар

Ханс Кристијан Eрстет, дански физичар

Ричард Дарвин Кејнс со книгата на неговиот славен предок Чарлс Дарвин

Ричард Дарвин Кејнс со книгата на неговиот славен предок Чарлс Дарвин

Ричард Дарвин Кејнс, британски физиолог

Ричард Дарвин Кејнс, британски физиолог

Луј Број

Луј Број

Луј Број и коригиран модел на атомот на водород

Луј Број и коригиран модел на атомот на водород

WOW сигналот

WOW сигналот