Ви треба светлина, но сакате приватност? Новиот вид дрво, проѕирно, цврсто и убаво за око, би можело да биде токму она што го посакувате. Овој градежен материјал, инспириран од природата, со светлосна пропустливост од околу 80% овозможува светлината да ја исполни просторијата. Но истовремено, материјалот е природно замаглен (93%), попречувајќи го погледот на љубопитните соседи.
Инженерите за материјали од Универзитетот на Мериленд го претворија дрвото во проѕирен градежен материјал којшто ја пропушта светлината дифузно, е поцврст и нуди подобра изолација од стаклото, и има природна шара карактеристична за дрвото. Наодот беше објавен минатата недела во списанието Nature Communications.
Ситните клеточни наноструктури, кои инаку овозможуваат проток на вода и хранливи материи низ дрвото, играат голема улога како вертикално распоредени канали низ дрво, формирајќи природна структура која може да се искористи за да овозможи проток на светлина.
Тимот започнал на парче ела и користеле хемикалии за селективно отстранување на лигнин од дрвото, делот којшто ја дава кафеавата боја и цврстината. На овој налин добиле дрво кое пропушта светлина. Притоа тие не ги чепкале другите клеточни структури во дрвото кои ја даваат природната шара.
Останатите клеточни структури на дрвото, исто така ја насочуваат светлината долж штицата. Дрвото е пресечено наспроти годовите, така што каналите кои ги спроведуваат водата и хранливите материи од коренот кон крошната се распоредени по најмалата димензија. Преостанатата клеточна структура во мал процент ја дисперзира светлината низ неа, но сè на сè, светлината патува директно преку микроканалите низ дрвото. Без оглед на тоа под кој агол паѓа сончевата светлина, светлината патува под прав агол низ дрвото и постојано паѓа на истата дифузна област преку целиот ден.
Истражувачите симулирале просторија со покрив направен од новото “естетско дрво“, како што тие го нарекоа. Притоа се покажало дека новиот материјал нуди подобра топлинска изолација од стаклото. Естетското дрво ги наследува карактеристиките од дрвото и смолата, која е уште една од главните состојки употребени во процесот на добивање на новиот материјал. Ова овозможува материјалот да биде поцврст од стаклото. Естетското дрво се покажало како два и пол пати поефикасно од стаклото при блокирање на топлината и три и пол пати поцврсто од нетретираното дрво, односно речиси 15 пати поцврсто ако дрвото се сече во насока на годовите. Исто така, новото “естетско дрво” ефикасно ја блокира УВ-светлината, но ја пропушта видливата светлина.
Inventwood, спин-компанија од ОМД, најави комерцијализирање на технологијата за добивање проѕирно дрво.