Facebook ќе овозможи дополнително ниво на сигурност при отворањето на апликацијата Messenger на iPhone и iPad. Сега таа може да се заклучи при затворање по што, за да ја отворите, побарува потврда на идентитетот со помош на Face ID или TouchID.
Ова значи дека дури ако го дадете отклучениот телефон некому в рака (на пример, ако го позајмувате на пријател или роднина), таа личност и понатаму нема да може да им пристапи на вашите разговори на Messenger. Од компанијата истакнуваат дека нема да ги чуваат вашите биометриски податоци кои ги користите за отклучување на апликацијата.
Функцијата која Facebook ја нарекува App Lock е дел од многубројните мали промени кои доаѓаат во Messenger, а кои се поврзани со приватноста и со сигурноста. Апликацијата исто така добива простор за нагодување на приватноста во апликацијата, овозможувајќи им на корисниците од едно место да ги контролираат функциите како заклучување на апликациите, публиката за своите приказни и корисниците кои се блокирани. Во наредните неколку месеци App Lock би требало да се најде и на Андроид.
Од Facebook споменуваат и други дополнителни функции чиешто тестирање се планира да започне наскоро. Од компанијата уккажуваат дека корисниците им бараат поголема контрола над дојдовните повици и пораките. Facebook има намера да им понуди на корисниците поголема контрола над тоа кој може да ги повика и да им испрати порака, а кој воопшто нема да може да ги повика и да им испрати порака. Ова ќе биде многу слично на контролата на пораките на Instagram, а Facebook вети дека повеќе детали околу оваа функционалност ќе открие штом ќе започне со тестирањето на новите контроли. Исто така, планирано е и воведување на нови функции, налик на оние кои постојат на Instagram и WhatsApp – замаглување на фотографии на луѓе кои ви праќаат пораки без ваше одобрување така што не мора да ја видите сликата од некој што можеби не го познавате пред да ја отворите или пред да ја блокирате таа корисничка сметка. Но засега Facebook не открива кога ова ќе биде достапно во Messenger.