Без многу помпа и галама Dropbox неодамна стартуваше свој менаџер за лозинки –Dropbox Passwords. Апликацијата засега е достапна само во приватната, бета верзија на Андроид, и иако можете да ја преземете, не можете да ја користите ако немате покана.
Апликацијата во моментов сè уште “се крчка”, односно е се развива, па затоа може да биде нестабилна. Во формата којашто е достапна во моментов, апликацијата делува прилично едноставно.
Иако се чини дека Dropbox намерно избегнува да ја именува новата апликација како “менаџер за лозинки“, според нејзините функционалности таа го работи истото што го работат и другите апликации од овој тип. Dropbox Passwords може да креира едноставни лозинки, да ги чува на едно место, да ги синхронизира на различни уреди и автоматски да го исполнува полето за пријава. Засега нема други корисни функции, како што се увозот на лозинки од прегледник или, пак, поддршка за двофакторна автентификација. Апликацијата нуди заштита на лозинките со zero-knowledge енкрипција, што значи дека само корисникот има пристап до податоците сочувани на апликацијата. Се работи за веќе вообичаена заштита за еден менаџер на лозинки, и ваков тип на заштита веќе имаат Dashlane, LastPass и 1Password, кои го нудат истите протоколи.
Dropbox Passwords нуди можност за логирање во апликација и на веб-сајт со еден клик, што веројатно значи дека софтверот ја користи Андроид функцијата за автоматско пополнување, која беше воведена во 2017 година со Андроид Орео. Иако пазарот за менаџер на лозинки е прилично заситен со бројни сервиси кои нудат слични опции како и Dropbox Passwords, Dropbox е препознатливо име и веројатно лесно ќе може да се убедат корисниците да почнат да користат една ваква програма.
Сè уште не е познато кога точно Dropbox Passwords ќе стане достапен за сите корисници на Dropbox.