Чувствувате благи симптоми, но не сте сигурни дали сте заразени со коронавирусот. Не знаете што да правите. Дали да се јавите за да ви направат епидемиолошка анкета или директно да одите на приватно да си направите PCR тест?
Ако решите да се тестирате и се покаже дека сте позитивни, а имате лесни до умерени симптоми 2-3 дена, постои начин да се процени веројатноста за нагло влошување на состојбата во следните денови.
Во најмалку две студии, откриено е дека C-реактивниот протеин (CRP), којшто е маркер за воспалителни процеси во организмот, е прогнозер за развојот на болеста во следните денови, односно, зависно од вредноста на CRP во раната фаза од болеста, може со висока веројатност да се предвиди состојбата во следните денови. И тоа, доколку CRP е низок или релативно низок, COVID-19 ќе остане со лесна до умерена клиничка слика. Ако CRP е висок или многу висок, иако можеби не се чувствувате многу лошо во моментот, високи се шансите состојбата нагло да стане тешка или критична.
Во една студија, веднаш по приемот на пациентите во болницата, биле мерени нивните нивоа на CRP. На слика 1 се гледа дека оние пациенти со повисоки нивоа на CRP имале значително повисоки ризици за влошување на состојбата отколку пациентите со пониски CRP нивоа.
Слика 1: Временски зависен ризик за влошување на состојбата за полесни случаи на COVID-19 со пониски и повисоки нивоа на CRP.
Во друга студија, целта била да се процени корисноста од познавањето на CRP нивоата во раната фаза на COVID-19 и да се провери поврзаноста со лезиите во белите дробови и со влошувањето на состојбата. Слично како во претходната студија, при приемот во болница, на сите пациенти им биле измерени CRP нивоата и дијаметарот на најголемата белодробна лезија. На слика 2 се прикажани кривите на CRP нивоата и дијаметрите на белодробните лезии за четири групи пациенти: лесна, умерена, тешка и критична група. CRP нивоата и дијаметрите на белодробните лезии кај умерената група биле поголеми од оние кај лесната група, оние во тешката група биле повисоки од оние во умерената група и оние во критичната група биле повисоки од оние во тешката група.
Слика 2: Зависност меѓу CRP нивоата, степенот на клиничка слика и дијаметарот на лезиите во белите дробови.
Ова може да биде корисна информација за сите оние што имаат слаби до умерени симптоми и се во рана фаза на COVID-19. Со крвна анализа, може да се дознае CRP нивото за два до три часа. Ако CRP е во нормалниот опсег, веројатно лесните симптоми ќе продолжат до самото оздравување. Ако не е во нормални граници, матичниот лекар треба веднаш да реагира со соодветни препораки.
Постојат и други параметри коишто може да се испитаат со брза крвна анализа, а даваат вредни информации за текот на COVID-19. На пример, седиментацијата на еритроцитите (ESR) и бројот на лимфоцитите. Мета-анализа на повеќе студии потврдува дека CRP и ESR значително се зголемуваат, а бројот на лимфоцити значително се намалува кај посериозните случаи на COVID-19.
Во секој случај, консултирајте се со матичниот лекар пред да донесете каква било одлука.