Рубрика: Информатика
Tвитерување со глас – еден твит, 140 секунди
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 30.06.2020 - 14:45

Твитер само што пушти нова услуга којашто на корисниците ќе им овозможи да твитеруваат со помош на глас, при што еден аудиотвит ќе може да трае до 140 секунди.

Оние што користат Твитер, сигурно некогаш го почувствувале недостатокот наметнат од ограничувањето на само 280 карактери во една порака. Токму затоа од Твитер се решија на корисниците да им овозможат уште една опција. Освен тоа, користењето на сопствениот глас за твитерување дава личен печат на пораките што ги испраќаме.

Како што објави оваа американска компанија, услугата засега е достапна за одредени групи корисници на платформата iOS, но не и за оние со Андроид телефони, коишто ќе мора да се стрпат и почекаатСреќните корисници на Твитер (и iOS уреди) можат да направат гласовен твит со избор на иконата во вид на “бранова должина“. По изборот на иконата, снимањето започнува веднаш штом ќе го притиснете копчето за снимање (Record). Секој гласовена твит трае околу 140 секунди, но секако нашите искази може да продолжат повеќе од ова. Ако се случи да го искористите целото време од говорната порака, не грижете се. Апликацијата Твитер автоматски ќе отвори друг говорен твит. И така, сè дури не ја раскажете својата приказна, буквално со свои зборови и свој глас.

Откако ќе завршите со составувањето на твитот, допрете го копчето Готово (Done), што ќе ве врати кон прозорецот за создавање статус. Со притискање на испрати, вашиот гласовен твит ќе отпатува во Твитер просторот.

Опцијата за говорен твит е достапна само за вашите, оригинални статуси, но не и за одговорите и коментарите на туѓи твитови.

Во текот на следните недели, голема е веројатноста опцијата за аудио-твит да се појави кај сè повеќе луѓе.

Во компанијата Твитер веруваат дека со гласовните твитови ќе се намали можноста за погрешно разбирање на пораките и ќе се “овозможи поголема човечка присутност“.