НАСА објави детални упатства за 3D печатење на ланче чијашто намена е да ги одвикне луѓето од допирање на лицето со прсти.
Допирот за лице е рефлексна навика којашто повеќето луѓе не ја ни забележуваат. Но, како што секојдневно нè опоменуваат сите експерти и доктори, во време на Ковид-19 ова е прилично опасна навика, поради можноста за пренесување на вирусот од околните површини до очите, носот и устата, од каде има слободен премин до остатокот од органите на телото.
Инженерите од JPL на НАСА го создадоа Pulse. Ланчето има вграден сензор којшто се активира на растојание од околу 30 сантиметри, и мал вибрациски мотор што се активира кога раката ќе се приближи до главата. Притоа колку што се поблиску вашите прсти до лицето, толку се посилни вибрациите од ланчето.
Како што нагласуваат од НАСА “Целта на Pulse е да го минимизира ширењето на Ковид-19, којшто може да се пренесе на тој начин што личноста ќе допре заразена површина а потоа ќе ги допре очите, устата или носот”
Списокот со потребни материјали и деталниот опис на процесот на изработка за ова ланче се достапни за преземање на GitHub. Па така сите со скромно техничко знаење од областа на електрониката и со пристап до 3D-печатач можат да одвојат малку време (и дребни парични средства) да го направат (и да се перчат со) ова ланче.
Од НАСА истакнуваат дека Pulse не претставува е замена за маска или респиратор. Неговата намена е да функционира како помошно средство, во констелација со другите, веќе познати мерки.
Значи да ја повториме мантрата уште еднаш – носење маска и ракавици, редовно миење раце, редовна дезинфекција на рацете и на површините.