Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 23.6.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 23.06.2020 - 23:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови го славиме делото на Џонас Салк, вирологот што ја создаде вакцината за детска парализа и ја споменуваме првата машина за пишување со Qwerty тастатура.

 

23.6.1995 – Почина Џонас Салк, вирологот што ја создаде вакцината за детска парализа

Денес се навршуваат точно 25 години од смртта на Џонас Салк, американскиот лекар, медицински истражувач и виролог, најпознат по тоа што ја разви првата ефективна вакцина против детска парализа.

Детската парализа или полио како болест беше присутна во епидемски размери во првата половина од 20-тиот век. Една од жртвите на оваа болест која го привлече вниманието кон болеста беше еден од претседателите на Соединетите Американски држави, Френклин Делано Рузвелт. Тој ја основа Националната фондација за детска парализа со цел за прибирање средства за борба против болеста и обезбедување на соодветна грижа за оние кои страдаат од неа.

Салк бил еден од истражувачите чијашто работа била спонзорирана од Фондацијата. Тој работел на вакцина против грип пред да се посвети на изнаоѓањето вакцина против детска парализа. Пристапот на Салк кон развојот на вакцината против полио бил различен од оној за претходните вакцини. Повеќето вирусни вакцини во тоа време користеле мали количини на жив, ослабен вирус, за да го поттикнат имуниот систем на организмот да го препознае вирусот. Имуниот систем создавал антитела за да се справи со вирусот и да биде подготвен доколку пациентот некогаш повторно биде изложен на него. Оваа техника функционира кај вирусните инфекции како што се сипаниците и беснилото. Проблемот се јавува во моментот ако телото не може да се справи со живиот вирус и тогаш постои можност вирусот да се размножи и да го зарази пациентот. Салк верувал дека имуниот систем на организмот може да ги создаде потребните антитела и по изложеност на неактивна или “убиена“ форма на вирусот, без ризик од инфекција.

Овој пристап се покажал како многу ефикасен. Вакцината на Салк обезбедила заштита за 90% од луѓето кои примале две дози од вакцината, а по примањето на третата дозаовој процент се искачил на 99%. Во моментот кога вакцината за детска парализа била пуштена во употреба во 1955 година, во САД имало речиси 50 000 регистрирани случаи на детска парализа. Веќе до 1962 година бројот паѓа на помалку од 1 000. Салк не ја патентирал својата вакцина со надеж дека на тој начин ќе овозможи нејзина брза и масовна примена во целиот свет.

Салк ќе го формира Институтот за биолошки студии Салк, посветен на проучување на болестите и нивнo лекување. (Н. С.)

 

23.6.1868 – Патентирана првата машина за пишување со QWERTY распоред

Патентирана првата практична и комерцијално успешна машина за пишување Sholes and Glidden. Можеби најзабележлив дел од дизајнот на Sholes and Glidden, којашто подоцна ќе стане машина за пишување Ремингтон број 1, е употребата на тастатурата QWERTY, која сè уште е најпопуларна поставеност на тастатурата во светот. (И. З.)

Клучни зборови:
Џонас Салк

Џонас Салк

Џонас Салк

Џонас Салк

Џонас Салк

Џонас Салк

Првата машина за пишување со QWERTY распоред на буквите

Првата машина за пишување со QWERTY распоред на буквите

Моделот Ремингтон 1

Моделот Ремингтон 1