Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 19.6.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 19.06.2020 - 20:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови го славиме роденденот на пионерот во областа на фармакологијата Фридрих Сертирнер, ја одбележуваме размената на првите трансатлантски телеграми и основањето на Федералната комисија за комуникации на САД.

 

19.6.1783 – Роден е Фридрих Сертирнер

Фридрих Сертирнер (Friedrich Wilhelm Adam Sertürner) бил германски фармацевт којшто имал голем удел во подемот на фармакологијата и нејзино подигање од ниво на алхемија до хемија.

Во 1804 година, Сертирнер бил чирак кај фармацевт којшто работел со опиум. Опиумот е наркотик што се добива со преработка на катранот којшто се собира од афионовите чушки. До 19 век опиумот се користел масовно како средство за ублажување на болката. Во алкохолен раствор познат како лауданум, се користел за да поттикнување на сонот. Сертирнер си поставил задача да ја најде активната состојка во опиумот којашто ги предизвикува овие ефекти.

По повеќе истражување на крајот успеал да ја издвои супстанцијата што одговара на описот. Оваа нова супстанција тој ја нарекол морфиум, според грчкиот бог на сонот, Морфеј. Кога го објавил своето откритие, во голема мерка бил игнориран. Затоа се решил да го прикаже откритието со јавни демонстрации на морфиумот, применувајќи го врз себе и врз тројца негови пријатели. Денес, Сертирнер е признат како првиот којшто успеал да екстрахира алкалоид од едно растение.

Морфиумот брзо ќе го замени опиумот и лауданумот во медицинските практики ширум светот. Тој бил широко користен за лекување на сите што страдаат од акутни или хронични болки. Во многу случаи, бил нуден како замена за луѓето кои страдаат од зависност од алкохол и од опиум. Оваа практика траеле сè дури лекарите не откриле дека морфиумот создавал многу поголема зависност од алкохолот или од опиумот. Денес морфиумот е контролирана супстанција и е не достапна за општа употреба.

Сертирнер ќе започне дистрибуција на морфиум од неговата мала апотека во 1817 година. Во 1827 година, една друга мала апотека во Дармштат, Германија, наречена Мерк, ќе започне со комерцијална продажба на морфиумот. Денес, Мерк е една од најголемите фармацевтски компании во светот. Успехот на Сертирнер го поттикнал откритието на други медицински важни алкалоиди, како што се кининот, кофеинот и стрихнинот. (Н. С.)

19.6.1914 – Церемонијално се разменети првите трансатлантски телеграми

На 19 јуни 1914 година е воспоставена радиотелеграфска врска меѓу Германија и САД. За да го одбележат настанот телеграмите ги разменија американскиот претседател Вудроу Вилсон (Тукертон, САД) и германскиот канцелар Вилхелм II (Нојштад на Рубенберге, во близина на Хановер). Преносот на телеграмите е направен со рефлекторни (Голдшмит) алтернатори, кои генерираат радиофреквенција со наизменична струја.  (А. К. / Д. М.)

 

19.6.1934 – Основана е Федералната Комисија за Комуникации на САД

Со Комуникацискиот Акт  од 19 јуни 1934 година основана е Федералната Комисија за Комуникации(Federal Communications Commission – FCC ) на САД. Нејзината мисија е дополнета со Актот за телекомуникации од 1996 година. Toa e независна агенција на Владата на САД која ги регулира комуникациите преку радио, телевизија, жица, сателит и кабел низ САД. Ја има надлежноста на широкопојасен пристап, фер конкуренција, употреба на радиофреквенциите, медиумската одговорност, јавната безбедност и безбедност на татковината. При формирањето во 1934 година, Комисијата ја превзела регулаторната регулатива за комуникации од Меѓудржавната комисија за трговија и ја заменила постоечката Федерална комисија за радио. Исто така таа обезбедува разновиден степен на соработка  со слични комуникациски тела од други земји. Целосно е финансирана од регулаторните такси. Има проценет буџет за фискалната 2016 година од 388 милиони американски долари и 1454 вработени заклучно со јули 2019 година. (Д. М.)

Клучни зборови:
Фридрих Сертирнер

Фридрих Сертирнер

Демонстрација на дејството на морфиумот

Демонстрација на дејството на морфиумот