Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15.6.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.06.2020 - 22:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови го одбележуваме генијот на Бенџамин Франклин и годишнината од неговиот прочуен експеримент со летало, а го одбележуваме и пронаоѓањето на процесот на вулканизација.

 

15.6.1752 – Бенџамин Франклин демонстрирал дека молњата е електрицитет

Бенџамин Франклин (Benjamin Franklin,17.1.1706 – 17.4.1790) е државник, дипломат, писател, научник и изумител, еден од најразновидните и најталентирани во колонијална Америка, и водечка фигура во американската борба за независност.

Експериментот со управувањето летало (змеј) во невреме е можеби најпознатиот експеримент на Бенџамин Франклин, којшто довел до пронаоѓањето на громобранот и разбирањето на позитивни и негативни полнежи. Врската помеѓу електричната енергија и молњата била позната, но не и целосно разбрана. Со спроведувањето на експериментот со леталото, Франклин докажал дека молњата е електрично празнење и сфатил дека може да се пренесе преку спроводник во земјата, обезбедувајќи безбедна алтернативна патека, со што се елиминира ризикот од смртоносни пожари и несреќи.

Франклин правилно претпоставил дека громот претставува електрично празнење. Пред да размисли да го спроведе својот експеримент со леталото, тој предложил да се подигнат железни шипки кон облаците во тек на невреме за да се привлече електричната енергија од нив. Тој, исто така, посочил дека врвовите на шипките треба да бидат шилести наместо да бидат заоблени. Бидејќи Филаделфија има рамна географија и во тоа време немало високи градби, со нетрпение ја чекал изградбата на црквата што се градела, за да го спроведе својот експеримент. Затоа најнапред објавил предлог за експериментот за да докаже дека молњата е електрична енергија со летање на летало во бура што е способна да произведе молња. Една година подоцна, кога бил објавен францускиот превод, го привлекол интересот на француските научници Делор и Далибар (којшто самиот на 10 мај 1752 година спровел сличен експеримент користејќи железна шипка долга 40 метри). Француските научници одделно и успешно го спровеле експериментот на Франклин, нарекувајќи го “Филаделфиски експеримент”.

Франклин не слушнал за успехот на неговиот предложен експеримент во Европа, пред да го спроведе експеримент со леталото. На 15 јуни 1752 година, му се укажала прилика да може да ја тестира негопвата хипотеза со пуштање на летало наместо да чека да се гради црквата. Со помош на неговиот син Вилијам, го изградил телото на леталото со две вкрстени ленти кедрово дрво и користејќи свила наместо хартија, за да не се кине од ветер и дожд. На врвот од леталото прикачиле подножје и долга остра и зашилена жица како сспроводник, додека на долниот крај од жицата прикачиле свилена лента и метален клуч. Металната жица го поврзувала клучот со Лајденов сад, којшто во тоа време се користе за складирање на високонапонски електричен полнеж којшто се складира помеѓу електричните спроводници поставени во внатрешноста и од надвор на стаклениот сад. Се чини дека Франклин знаел доволно за заземјувањето за да се заштити себе си од струен удар. Внимавал да стои врз изолатор, држејќи се сув, под покрив, за да јаизбегне опасноста од електричен удар.

Експериментот бил успешен, со извлекување на електричен полнеж од облакот. Експериментот го опишал во Пенсилванскиот весник , објавен на 19 октомври 1752 година, без притоа да спомне дека самиот го извршил. Овој извештај бил прочитан во Кралското друштво на 21 декември истата година. БебџаминФранклин станал член на Кралското друштво во Лондон, и бил признат во научните кругови ширум Европа, станувајќи најпознат Американец во Европа. (Д. М.)

 

15.6.1844 – Чарлс Гудјир го патентира процесот за обработка на гума – вулканизација

Гудјир (Charles Goodyear)  ја започна својата кариера како партнер во бизнисот со железарии и алати на неговиот татко, кој банкротираше во 1830 година. Потоа, тој се заинтересирал за откривање на нов метод за обработка на гумата, со којшто таа би го изгубила својството на лепливост и би станала помалку чувствителна на наглите температните промени. Тој развил посебен начин на обработка на гумата со азотна киселина и во 1837 година договорил производство на поштенски ташни за американската влада, но гумената ткаенина се покажала бескорисна на високи температури.

Во 1839 година тој случајно испуштил гума измешана со сулфур на топла плотна и на овој начин го  открил процесот на вулканизација. Вулканизацијата, всушност, претставува хемиски процес преку којшто се подобруваат физичките својства на природната или на синтетичката гума. Конечниот производ, односно гумата којашто го поминала овој процес, има поголема отпорност на деформирање и натрошење, а е поеластична во поголем опсег на температури. Наједноставната форма на вулканизацијата се прави со загревање на гумата со сулфур. (Н. С.)

Клучни зборови:
Бен Френклин

Бен Френклин

Графика којашто го прикажува спроведувањето на експериментот со летало

Графика којашто го прикажува спроведувањето на експериментот со летало

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Производство гуми за камион во 40-тите години од минатиот век

Производство гуми за камион во 40-тите години од минатиот век