Слично како и другите веб-прегледници, така и Mozilla Firefox има менаџер за лозинки којшто ви овозможува да ги сочувате корисничките имиња и лозинки за пријава на веб-страниците на кои имате корисничка сметка. Кога ќе ги посетите овие страници, Firefox автоматски ќе ги пополни обрасците за пријава со сочуваните податоци.
Во Firefox 79 Nightly изданието на Firefox, Mozilla ја додаде опцијата за извоз на сочуваните кориснички имиња и лозинки во CSV текстуален фајл. Овој извоз може да се направи во менито со користење на опцијата Export Logins. Кога ќе кликнете на Export Logins, Firefox ќе ви прикаже известување дека лозинките ќе се чуваат во текстуален облик и дека може да ги види секој кој ќе има пристап до фајлот. Ако корисникот продолжи со постапката за извоз, Windows ќе побара прво да се внесе лозинка за Windows корисничката сметка. Ако се внесе точната лозинка, тогаш корисникот ќе биде упатен каде сака да го сочува фајлот logins.csv што ќе се користиза излез на кориснички имиња и лозинки.
За оние кои сакаат да започнат со користење на некоја апликација за менаџирање на лозинки, овој извоз којшто го овозможува Firefox е мошне корисна функција.
За жал, на сите кои имаат пристап до вашата лозинка за Windows оваа опција истовремено ќе им го олесни пристапот ди листата на вашите сочувани кориснички имиња и лозинки и истите да си ги испечатат. Затоа никогаш не ја давајте лозинката за пристап на Windows некому во кого немате доверба.