Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1.6.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.06.2020 - 14:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Денес го одбележуваме роденденот на Френк Витл, еден од татковците на турбомлазниот мотор, и првата опцервација на Магнетниот Северен Пол.

1.6.1907 – Роден е Френк Витл, пионер во развојот на млазниот мотор

Френк Витл (Frank Whittle) е британски воздухопловен инженер и пилот, пионер во развојот во развојот на млазниот мотор. Уште додека бил воен и пробен пилот во британското воздухопловство почнал да размислуга за конструкција на авион којшто би летал побрзо од сите дотогашни авиони. Решението го гледал во развој на поинаков вид мотор.

Развојот на млазните мотори и авиони започнал речиси истовремено во Велика Британија и во Германија, независно. Заради потребите на Втората светска војна, тој развој бил многу брз и само тринаесет години подоцна, борбените авиони со клипни мотори целосно ќе бидат истиснати од небото.

Во 1929 година Френк Витл дошол до идеја за турбомлазен мотор. Една година подоцна, на 16.1.1930,  Витл го објавува својот прв патент, кај којшто аксијален двостепен компресор го снабдува со воздух едностепениот центрифугален компресор. Ова комплицирано решение очигледно не му се допаѓало бидејќи своите идни истражувања ги насочил само кон поедноставниот центрифугален компресор. Во 1935 година, не знаејќи за работата на Френк Витл, младиот германски инженер Ханс фон Охајн во Германија започнал да работи на сличен проект.

Вистинската историја на млазниот мотор почнала на 12.4.1937, кога проработел првиот турбомлазен мотор на Френк Витл. Моторот користел течно гориво и имал сопствена пумпа за гориво, така што работел независно. Навистина, и буквално, моторот само проработел, бидејќи набрзо, поради преголемиот број вртежи и кршење на лопатките од компресорот, се распаднал. Наспроти оваа непријатност, тогашното Министерство за воздухопловство се заинтересирало за иновацијата и на конструкторот му доделило 6 000 фунти, за да продолжи со развојот.

Историјата ќе забележи дека заслугите за создавање на млазниот мотор рамноправно им припаѓаат и на Френк Витл и на Фон Охајн. Навистина, моторот на Витл проработел 5 месеци пред оној на Фон Охајн, но се распаднал. Моторот на Фон Охајн бил вграден на авион и извршил прв лет. Сите идни млазни мотори ќе го користат концептот на Фон Охајн. (В. А.)

 

1.6.1831 – Направена е првата опсервација на Магнетниот Северен Пол

Магнетниот пол е локацијата каде што магнетното поле на Земјата се насочува директно надолу. Магнетниот Северен пол е независен од Географскиот Северен Пол, но иако не се совпаѓа, сепак се наоѓа во негова близина.

Раните европски навигатори, картографи и научници верувале дека иглите од компасот се привлечени кон хипотетички “магнетски остров“, сместен некаде на далечниот север или кон ѕвездата Северница, Поларис.

Идејата дека самата Земја дејствува како магнет, за првпат била предложена во 1600 година, од страна на англискиот лекар и природонаучник Вилијам Гилберт. Тој, исто така, бил првиот што го дефинирал Северниот магнетски пол како точка каде магнетното поле на Земјата се насочува вертикално надолу. Ова се совпаѓа со сегашната дефиниција, иако биле потребни неколку стотини години развој на научната мисла пред да се разбере природата на магнетното поле на Земјата со модерна точност и прецизност.

Првата група која стигнала до Северниот магнетски пол ја предводел Џејмс Кларк Рос, којшто на 1 јуни 1831 година го лоцирал магнетниот север во Кејп Аделаид, на полуостровот Бутиа, за време на втората арктичка експедиција на неговиот вујко, сер Џон Рос.

Со оглед на непостојаноста на магнетскиот пол, Роналд Амундсен, во 1903 година го пронашол Северниот магнетски пол на малку поинаква локација. Третото забележување, во 1947 година, било направено од страна на канадските научници Пол Серсон и Џек Кларк, од астрофизичката опсерваторија Доминион, кои го лоцирале полот на Островот Принц од Велс, во водите на езерото Ален. (Н. С.)

 

Клучни зборови: