Рубрика: Телекомуникации
Европска радиодифузна унија (EBU) – јубилеј 70 години во време на Ковид-19
Автор: Димац Митковски
Објавено на 29.05.2020 - 13:15

Оваа година Европската радиодифузна унија слави јубилеј – 70 години од нејзиното формирање на 12 февруари 1950 година. Таа е сојуз на организации на јавни медиумски сервиси. EBU (aнглиски: European Broadcasting Union – EBU; француски: Union européenne de radio-télévision – UER; германски: Europäische Rundfunkunion – ERU) е составена од 116 организации членки во 56 земји, и 34 придружни членки од дополнителни 21 земја. Најпозната е по продукцијата на Евровизија. Исто така, таа беше домаќин на дебати меѓу кандидатите за претседател на Европската комисија за парламентарните избори 2014 и 2019 година, но не е поврзана со самата Европската Унија.

 

Како функционира оваа организација во времето на Ковид-19 опишува интервјуто во списанието Радио свет (Radio World) со проектниот менаџер за дигитално радио во EBU одделот за технологии и иновации, г. Бен Пур (Ben Poor). Според него: “Општо правило е дека членовите на EBU се примарна точка за информации во реално време во текот на оваа развојна криза. Ова значи дека без оглед на сè, тие продолжуваат да емитуваат програма и се зафатија за решавање на овој предизвик. Во текот на изминатите години многу членки имаа притисок за намалување на расходите. Поради тоа, тие мораа да развиваат пионерска автоматизација и ефикасно работење. И покрај ова, ги поделија своите оперативни тимови во одвоени тимови кои немаат директен контакт и вообичаено престојуваат на различни места и работат од дома. Нашите членови го испратија целиот неоперативен персонал дома за да избегнат да се заразат оперативните тимови. Покрај тоа, ги блокираа сите неоперативни критични проекти, како резултат на националните процедури за ограничување. Тие исто така воведоа мерки за заштита на своите новинарски тимови. Ова вообичаено вклучува мерки за колку што е можно поголема изолираност. Публиката сега е исклучена од директно присуство во емисиите во живо. Некои “радио таленти” ги даваат своите прилози преку линкови од дома. Исто така, операторите редовно ги дезинфицираат зградите и опремата. Членовите на EBU ги зголемија своите канали за дистрибуција преку интернет, за да можат да ја решат експлозијата на побарувања. Сега постои одредена промена во начините на слушање и гледање. Се забележа дека врвот кој беше достигнуван навечер сега се шири во текот на денот. Значи радиодифузерите ги ревидираат своите програмски распореди за задоволување на потребите на постарите популации, како и на децата кои остануваат дома поради неработење на училиштата. Овие се само некои од мерките што ги воведоа членовите на EBU, а други се развиваат постојано.  

Поради важноста на радиооперациите за општата благосостојба и безбедноста на населението погодено од ограничувањата низ цела Европа, персоналот работи деноноќно во изолирани тимови за да обезбеди континуитет на радиодифузната и мрежната операција. Тоа значи дека многумина од инженерскиот персонал работат од дома, а оперативниот персонал е типично изолиран за да се избегне заразување. Ова им наметнува напори на тимовите кои без сомнение ќе излезат на површина во текот на развојот на кризата.

На прашањето како ЕБУ работи за да им помогне на своите членови за време на кризата, одговорот е следниот: ”Самата EBU е средство за размена помеѓу членовите кои се соочуваат со истите предизвици, дури и ако одделни земји имаат усвоено различни пристапи кон кризата. Направивме посветена веб-страница за споделување информации. Исто така разгледуваме можности да споделиме содржини меѓу членовите и даваме совети и упатства како да се справиме со оваа состојба.

И на крајот, околу влијанието на оваа ситуација  на иднината на емитувањето, особено на радиото: “Долгорочното влијание од оваа криза останува да се види. Со сите несуштински проекти во мирување, можеби нема да го почувствуваме влијанието врз програмата на радиото или телевизијата до подоцна, кога  продукциите што се во подготовка би требало да бидат емитувани. Оваа криза, всушност, може некого да забрза околу развојот на децентрализацијата на студијата и производството на содржини. Ова е особено точно за радиото, каде што во некои држави гледаме тренд да се користат содржини надвор од традиционалните студија.

Клучни зборови:
Логото на EBU од 1993 до 2012

Логото на EBU од 1993 до 2012

Зградата на EBU во Женева

Зградата на EBU во Женева

Проектниот менаџер за дигитално радио во EBU одделот за технологии и иновации, Бен Пур

Проектниот менаџер за дигитално радио во EBU одделот за технологии и иновации, Бен Пур