Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 28.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 28.05.2020 - 20:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Денес го одбележуваме Тјуринговиот труд којшто ги постави основите на современиот компјутер и основањето на Фолксваген.

 

28.5.1936 – Алан Тјуринг го поднесува за објава неговиот труд “За пресметливоста на броевите”

Во 1928 година, германскиот математичар Давид Хилберт го привлече вниманието на кон проблемот на решливост (Entscheidungsproblem). Имено, според теоријата на пресметливоста и теоријата на комплексноста, проблемот на решливост (одлука) е прашање во некој формален систем кадешто треба да се даде ДА или НЕ одговор. На пример,  проблемот “дадени се два броја, x и y.  Дали x е делив со y?” претставува проблем на решливост (одлука). Одговорот може да биде или ДА или НЕ во зависност од вредноста на x и y.

Во трудот на Алан Тјуринг, насловен како “За пресметливоста на броевите со примена на проблемот на нерешливост " (On Computable Numbers, with an Application to the Entscheidungsproblem), Тјуринг ги преформулирал резултатите на Курт Гедел од 1931 во делот ограниченоста на доказот и пресметливоста, заменувајќи геделовиот универзален формален јазик заснован врз аритметика со формален и едноставни хипотетички уреди коишто набрзо ќе станат познати како Тјурингови машини.

Тјуринг докажал дека неговата “универзална машина за пресметки” би била способна да ја изврши која било математичка пресметка ако таа биде прикажана како алгоритам. Тој започна со доказот дека не постои решение на “проблемот на решливост”, на тој начин што најнапред докажал дека самиот таканаречен проблем на стопирање кај Тјуринговата машина е нерешлив – имено, невозможно е алгоритамски да се докаже дали одредена Тјурингова машина некогаш би запрела. Додека неговиот доказ бил објавен после Аланзовиот еквивалентен доказ за ламбда калкулус,Тјуринг не бил свесен за работата на Алонзо во тоа време.

Иако Тјуринговиот доказ беше објавен непосредно по еквивалентниот доказ на Алонзо Чрч (Alonzo Church) којшто користи ламбда калкулус, пристапот на Тјуринг бил значително подостапен и интуитивен споредено со оној на Чрч. Исто така, во доказот на Тјуринг е вклучен и поимот за "Универзална (Тјурингова) машина”, so идеја дека таквата машина ќе може извршува задачите на која било друга пресметковна машина (исто како и калкулусот на Чрч). Според Чрч-Тјуринговата теза, Тјуринговата машина и ламбда калкулусот имаат можност да пресметааат сè што е пресметливо. Всушност, овој научен труд на Тјуринг ги постави основите на современиот компјутер, како што подоцна ќе потврди и Џон фон Нојман. (Н. С.)

 

28.5.1937 – Основана е фабриката Фолксваген

Фолксваген (Volkswagen) всушност е основана како дел од популистичката политика на тогашната Германската нацистичка влада. Главна цел била производство на автомобил достапен за широките народни маси. И токму ваков автомобил беше популарната “буба”, марка којашто Фолксваген ќе ја произведува до средината на седумдесетите години.

По поствоениот период на несигурост, фирмата застанува на здрави нозе и дене е еден од гигантите на светската автомобилска индустрија. Денес Групацијата Фолксваген поседува вкупно 119 производствени погони во 20 земји во Европа и во 11 земји во Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Африка, со над половина милион вработени. (Н. С.)

Клучни зборови:
Алан Тјуринг

Алан Тјуринг

Трудот беше објавен во Зборникот на Лондонското друштво на математичари

Трудот беше објавен во Зборникот на Лондонското друштво на математичари