Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 20.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 20.05.2020 - 14:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

20.5.1851 – Роден е Емил Берлинер 

Емил Берлинер (Emile Berliner, 1851-1929 ), бил американски пронаоѓач по потекло од Хановер, Германија. Најпознат е по изумот што го нарекол грамофон и постапката за снимање на грамофонските плочи.         

Раните обиди да се дизајнира уред за репродукција на звук или музика започнале во 1877 година. Таа година, Томас Едисон го измислил својот фонограф со калајна фолија (tinfoil), кој репродуцирал снимени звуци од тркалезни цилиндри. За жал, квалитетот на звукот на фонограмот бил лош а покрај ова секоја снимка траела само една репродукција. Фонографот на Едисон го следел графофонот на Александар Греам Бел. Графофонот користел восочни цилиндри, кои можеле да се репродуцираат многупати. Сепак, секој цилиндар требало да се снима одделно, со што масовната репродукција на истата музика или звуци била невозможна.

На 8 ноември 1887 година, Емил Берлинер, германски имигрант кој работи во Вашингтон Д.Ц., патентирал успешен систем за снимање на звук. Берлинер бил првиот изумител што престанал да снима на цилиндри и почнал да снима на рамни дискови/плочи. Првите плочи биле направени од стакло, потоа се употребувал цинк а на крајот пластика. Во рамниот запис се користи спирален жлеб со информации за звукот. За да се репродуцира, записот се ротира на грамофонот. “Раката“ на грамофонот “држи“ игла која ги чита жлебовите во записот со вибрации и ги пренесува информациите до звучникот на грамофонот. Дисковите (записите) на Берлинер биле првите звучни записи што можеле масовно да се произведуваат со создавање мастер снимки од кои биле направени калапи. Од секој калап биле излеани стотици дискови. Во 1894 година ја основал Грамофонската компанија на Соединетите Држави (United States Gramophone Company). Подоцна ги продал правата за лиценцирање на својот патент за грамофон и методот за правење записи на компанијата Виктор на RCA (Victor Talking Machine Company - RCA), која подоцна го направила грамофонот успешен производ во САД. Во меѓувреме, Берлинер продолжил да работи во други земји. Тој ги основал Gramophone Company во Лондон (1897), Deutsche Gramophone во Хановер (1898), Berliner Gram-o-phone Company of Canada во Монтреал (1899).

Берлинер работел со инженерот Елдриџ Џонсон (Eldridge R. Johnson) на подобрување на уредот за репродукција. Тој патентирал евтин мотор за грамофонот на Берлинер, кој имал рамномерна брзина, и со тоа била елиминирана потребата од рачно вртење на грамофонот.

Во 1876 година, Берлинер измислил микрофон користен како предавател за телефонски говор. На стогодишната американска изложба, компанијата Бел Телефон се запознала со неговиот пронајдок и го откупила патентот за 50 000 долари. По долгата правна борба со Едисон, овој патент му бил прогласен за неважечки. Некои од другите пронајдоци на Берлинер вклучуваат радијален мотор на авион (1908), хеликоптер (1919) и акустични плочки (1920). (Д. М.)

 

20.5.1927 – Чарлс Линдберг полета од Њуфаундленд кон Европа

Ако честа за прва успешна реализација за непрекинат лет преку Атлантикот им припадна на двајца британски авијатичари, Џон Алкок и Артур Витен Браун, Чарлс Линдберг ќе стане првиот авијатичар кој успеал сам во непрекинат лет да го прелета Атлантскиот Океан и тоа по подолга рута – од Њујорк до Париз.

Неговиот авион, “Духот на Сент Луис”, полетал  полетал од Лонг Ајленд, Њујорк, натоварен со 1704 литри гориво. За време на летот кој траел 33 и пол часа Линдберг се соочил со низа предизвици, меѓу кои прелетување на олујни облаци на висина од 3000 метри но и избегнување на врвовите на големи бранови при низок лет. Покрај ова Линдберг морал да се справува и со проблемот на подмрзнување на крилата, а неколку часа летал “на слепо” низ густа магла. И покрај ова имал среќа со ветровите коишто меѓусебно се поништувале, па не морал да се справува со дополнителниот отпор, а покрај тоа ова овозможило и попрецизен лет со помош на следење на инструментите.

Линдберг слетал на аеродромот во Бурже во сабота, 21 мај во 22 часот и 22 минути по локално време. На аеродромот бил пречекан од 150 000 луѓе коишто со нетрпение го очекувале неговиот успех. (Н. С.)

 

20.5.1932 – Амелија Ерхарт полета од Њуфаундленд кон Европа

По самостојниот лет на Чарлс Линдберг преку Атлантикот во 1927 година, Ејми Гест (1873-1959) ќе пројави интерес да биде првата жена којашто ќе го прелета Атланскиот океан. Но откако проценила дека патувањето е премногу опасно за реализација, таа понудила да го спонзорира проектот.

Едно попладне во април 1928 година, Ерхарт добила телефонски повик од капетанот Хилтон Х. Рели, кој ја прашал: “Дали сакате да летате преку Атлантикот?“

Координаторите на проектот, меѓу кои бил и издавачот и публицист Џорџ П. Патнам, ја интервјуирале Ерхарт и ја замолиле да ги придружува пилотот Вилмер Штулц и копилот/механичар Луис Гордон на летот, првенствено како патник задолжен за водење на дневник на летот. Тимот полетал од Трепаси Харбор,Њуфаундленд, со авион од типот Фокер Fokker F.VIIb/3m именуван како “Пријателство“, и по лет од точно 20 часа и 40 минути слетал во Пвл, Јужен Велс. Бидејќи поголемиот дел од летот бил инструментален а Ерхарт немала обука за овој вид летање, таа не пилотирала со авионот.

Пет години по овој лет Ерхарт ќе стане првата жена којашто успешно сама ќе го прелета Атлантикот.

Утрото на 20 мај1932 година, 34-годишната Ерхарт полетува од пристаништето Грејс, Њуфаундленд, со примерок од дневниот весник “Телеграф-журнал“, со цел да се потврди датумот на летот. Таа имала намера да лета кон Париз со нејзиниот авион Lockheed Vega 5B, по истата рута што ја изминал Чарлс Линдберг пет години порано ј при неговиот соло-летот преку Атлантикот. Нејзиниот технички советник за летот бил славниот американски авијатичар со норвешко потекло Бернт Балчен, кој помогнал во подготовката на нејзиниот авион. По летот кој траел 14 часа и 56 минути, време коешто таа го поминала борејќи се со лошото време – силниот северен ветер и услови за мраз, но и со механички проблеми, Ерхарт слетала на ледина во Кулмор, во близина на Дери, Северна Ирска. На местото на слетување се затекнале како сведоци извесни Сесил Кинг и Т. Соер.

Како прва жена што самостојно во непрекинат лет го прелета Атлантикот, Американскиот Конгресот на Ерхарт и го врачи Летечкиот крст за заслуги, додека  француската влада ја награди со Витешки крст на Легијата на честа, а  претседателот на Националното географско друштво на САД, Херберт Хувер, ја награди со Златен Медал на друштвото. (Н. С.)

 

20.5.2006 – Кина официјално ја заврши градбата на браната Три Клисури

Браната е изградена за потребите на најголемата хидроелектрична централа во светот, мерено според инсталиран капацитет од 22 500 мегавати. Иако проектот има низа погодности и со себе донесе и низа контроверзи, бидејќи со него беа поплавени некои важни археолошки наоѓалишта и кутурни обележја, а заради реализацијата на градбата беа трајно преселени 1,3 милони луѓе.

Иако градежните работи браната беа завршени во 2006, електричната централа беше завршена и пуштена во употреба многу подоцна, на 4 јули 2012 година. Централата е опремена со 32 главни турбини, секоја со капацитет од 700 мегавати и два помали генератори од 50 мегавати наменети за снабдување со струја на самата централа.

Последниот клучен додаток, лифтот за бродови, беше додаден на браната во 2015 година. (Н. С.)

Клучни зборови:
Емил Берлинер

Емил Берлинер

Емил Берлинер во неговата канадска компанија

Емил Берлинер во неговата канадска компанија

Чарлс Линдберг пред авионот со којшто го прелета Атлантикот

Чарлс Линдберг пред авионот со којшто го прелета Атлантикот

Чарлс Линдберг

Чарлс Линдберг

Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт

Авионот со којшто Ерхарт го прелета Атлантикот

Авионот со којшто Ерхарт го прелета Атлантикот

Браната Три Клисури на реката Јангце

Браната Три Клисури на реката Јангце

Браната Три Клисури на реката Јангце

Браната Три Клисури на реката Јангце