Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 18.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.05.2020 - 16:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

18.5.1980 – Се случи ерупција на заспаниот вулкан на планината Света Елена

На ерупцијата на вулканот Света Елена, односно Сент Хеленс, претходеше земјотрес со магнитуда од 5,1 степен на Рихтеровата сеизмичка скала.

Оваа вулканска планина, сместена во државата Вашингтон, речиси и да не покажувала активност од 1857 година.

На 27 март 1980 година имало ерупција од водена пареа по што, поради притисокот од магмата, се појавиле големи пукнатини  како и “грпка” на северната страна од врвот, којашто продолжила да расте.  Утрото на 18 мај силниот земјотрес предизвикал огромна лавина и лизгање на земјиштето од северната страна, по што следела експлозија во којашто била исфрлена голема количина вулканска прегреана пепел и карпи.

На крајот од ерупцијата планината стана речиси половина километар пониска, а нејзиниот врв доби изглед на карактеристичен вулкански кратер. Последователни ерупции имаше и во 1986 година. Во 1989 и 1991 година, како и подоцна во 1995 и 1998 година, е забележана поголема сеизмичка активност проследена со помали експлозии.

Експлозијата на планината Света Елена е најголемата вилканска експлозија на тлото на Северна Америка. (Н. С.)

 

18.5.1953 – За првпат една жена лета побрзо од звукот

Американката Жаклин “Џеки” Кокран стана првата жена-пилот којашто го проби звучниот ѕид и леташе побрзо од звукот. Настанот се случи 5 години по првиот надзвучен лет на Чак Јегер.

За време на нејзината пилотска кариера Џеки Кокран има поставено голем број авијатичарски рекорди, всушност повеќе од кој било пилот дотогаш – за брзина, далечина, како и за плафон на лет (висина).

Кокран, односно Беси Ли Питман како што е нејзиното вистинско име, имала тешко детство, поминато во сиромаштија и со многу малку образование. Но и покрај ова таа успеала да основа успешна козметичка компанија и да се стекне со пилотска дозвола.

Во 1935 година Кокран стана првата жена-пилот којашто учествувала во воздухопловната Трансконтиненталната трка Бендикс. Две години подоцна, во 1937 година,  таа пристига трета во оваа трка, а во 1938 година го освојува трофејот Бендикс. Во јуни 1941 година таа пилотира со бомбардер до Англија и таму, како капетан во британската помошна служба за воздушен сообраќај, врши обука на група жени-пилоти за потребите на помошната летачка транспортна оператива. По враќањето во САД, Кокран реализирала слична програма за потребите на американските Воени воздушни сили. На крајот од војната, таа служела извесно време како пацифички и европски дописник за списанието “Либерти“.

Во 1945 година, Кокран стана првата жена-цивил во САД на којашто и бил доделен Медал за Посебни заслуги, а во 1948 година се стекнала со чинот полковник во резервниот состав на американските воздухопловни сили.

Во 1953 година, водена  желбата за пилотирање млазен авион, Кокран стана првата жена којашто ја проби звучната бариера. Ова го оствари со авион од типот Ф-86. Истата година таа постави и светски рекорди за најбрзо изминати патеки на 15-, 100- и 500 км. Нејзината автобиографија “Ѕвездите на пладне“, напишана од нејзиниот сопруг Флојд Б. Одлум, беше објавена во 1954 година. (Н. С.)

Клучни зборови:
Куполата со лава во кратерот на заспаниот вулкан снимена пред ерупцијата

Куполата со лава во кратерот на заспаниот вулкан снимена пред ерупцијата

Исфрлениот материјал при ерупцијата на Света Елена предизвика темница во круг од 400 километри

Исфрлениот материјал при ерупцијата на Света Елена предизвика темница во круг од 400 километри

Џеки Кокран

Џеки Кокран

Џеки Кокран со Чак Јегер

Џеки Кокран со Чак Јегер, првиот пилот кој леташе побрзо од звукот