Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 13.5.2020
Објавено на 13.05.2020 - 14:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

13.5.1950 – Стартува првата сезона на Светскиот шампионат за возачи во Формула 1

Сезоната во 1950 година беше четврта сезона на ФИА во Формула 1 мото-трки. Но за првпат во оваа сезона беше воведен Светскиот шампионат за возачи на ФИА. Сезоната започна на 13 мај и заврши на 3 септември, а содржеше и голем број нешампионски трки (кои не се бодувале за шампионатот). Шампионатот се состоеше од шест Гран при трки, кои беа одржани во Европа, плус трката Индијанаполис 500 во САД. Во нив учествуваа четиринаесет Формула 1 тимови, но и поголем број поединци со свои автомобили. Притоа, типот на шасијата, моторот и бројот на автомобилот што го возеше еден возач варираше од трка до трка. Првата трка во сезоната беше британското Гран при, коешто се одржа на патеката во Силверстон. Првите 3 места на оваа трка ги освојуваат возачи од тимот на Алфа ромео, а првото место од пиедесталот му припаѓа на Џузепе Фарина. Шампионатот се одвиваше според правилата на националното ААА првенство. Првиот шампионат го освои Џузепе Фарина, пред Хуан Мануел Фанџо и Луиџи Фаџоли. (Н. С.)

13.5.1940 – Прв слободен лет за првиот успешен хеликоптер

Игор Сикорски пилотираше со хеликоптерот VS-300, првиот успешен модел што користеше единечен вертикален ротор на опашката, којшто е карактеристичен за повеќето хеликоптери коишто се употребуваат денес. Тестовите продолжија и следната година, на 6 мај, Сикорски пилотира со подобрениот модел на VS-300, одржувајќи го во воздух 1 час 32 минути и 26 секунди. По ова, конструкцијата претрпува уште неколку големи промени за на 8 декември 1941 година да биде претставена конечната конфигурација со еден потисен ротор, којшто овозможува управливост во две од трите оски на движење (вртење и висина) и една задна елиса којашто делува како противтежа на силата на ротација на хеликоптерот, а истовремено овозможува контрола на правецот на движење.  

Развојот на моделот VS-300 ги постави контурите на концептот и принципите во дизајнот употребени кај првиот сериски произведуван хеликоптер, моделот VS-316, познат и како R-4. (Н. С.)

 

13.5.1991 – Претставен е System 7

Oперативниот систем System 7 за Macintosh, бил втора голема надградба на Mac OS. Верзијата позната и по нејзиното кодно име Биг-Бенг но и како Mac OS7, донесе низа новини како виртуелна меморија, можност за споделување на датотеки, софтвер за читање видеосодржини QuickTime, за цртање QuickDraw 3D, како и подобрен кориснички интерфејс. Системот 7 го вовел и концептот на  File Aliases, којшто подоцна ќе бидат копиран и применет Shortcut во Microsoft Windows 95. (И. З.)

Клучни зборови:
Како изгледаа болидите во '50-тите години од минатиот век

Како изгледаа болидите во '50-тите години од минатиот век

Нино Фарина – победник на првата трка од шампионатот одржана во Силверстон

Нино Фарина – победник на првата трка од шампионатот одржана во Силверстон

Еден од тест летовите на Сикорски со VS-300

Еден од тест летовите на Сикорски со VS-300

Еден од тест летовите на VS-300

Еден од тест летовите на VS-300

Роторот на VS-300

Роторот на VS-300