Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 12.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 12.05.2020 - 20:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

12.5.секоја година – Ден на медицинските сестри

Меѓународниот ден на медицинските сестри воспоставен 1974 година од страна на Меѓународниот совет на медицински сестри, се одбележува секој 12 мај во чест на Флоренс Најтингејл, родена токму на овој ден во 1820 година во Фиренца, којашто ги постави современите темели на оваа професија.

Најингејл стана важна фигура во развојот на медицинската нега кон средината на 19 век за време на Кримската војна. Во тоа време, таа била сместена во воената болница во Скутари (денешен Искардар, којшто е дел од Истанбул), каде таа го водела тимот од медицински сестри кои ги негувале повредените британски војници.

Кога за прв пат пристигнала во болницата, таа била шокирана од очајната состојба во објектот  по што наметнала строги стандарди за медицинска нега,  меѓу кои одржување на хигиената во одделенијата, како и добра опременост медицински материјали и залихи на храна за пациентите. Искуствата на Најтингејл во Скутари ја поттикнаа да поведе кампања за реформи во здравството и медицинската нега, а во 1860 година таа ја отвора Најтингејл школата за медицински сестри во болницата “Сент Томас“ во Лондон.

Успехот на школата поттикнa формирање на слични школи за обука на медицински сестри и на други места. Меѓу првите установи од овој тип е Школата за медицинска нега при Сиднејската амбуланта и диспансаро (денес Сиднејска болница) во Австралија, која била отворена во 1868 година под водство на медицинската сестра Луси Озбурн, некогашен ученик во болницата Свети Томас. По ова се отворени Школата за обука на медицински сестри Белви во Њујорк (1873 година), прва институција во САД втемелена врз принципите на Најтингејл, па Школата за медицинска нега во Фужоу, Кина (основана 1888 година ) итн.

Овие пионерски училишта ги поставија темелите за понатамошен раст и унапредување на современата медицинска нега и на професионалниот профил медицинска сестра.

Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува со создавање и дистрибуција на промотивни и едукативни материјали. Овие материјали се наменети делумно да ја потенцираат посветената и иновативна работа на медицинските сестри ширум светот, што е од витално значење не само за подобрување на здравјето на пациентите, туку и за унапредување на здравствената заштита како на национално така и на меѓународно ниво. Едукативните материјали честопати служат и за подигање на свеста за проблемите со коишто се соочува оваа професија, вклучително и влијанието на економските фактори и тековната борба за соодветни работни услови и фер парична надокнада. Со подигање на свеста за важноста на оваа професија медицинските сестри се надеваат дека ќе поттикнат соодветен интерес зза доволен број луѓе да ја изберат оваа благородна дејност за нивно занимање. Со тоа ќе се обезбеди доволно посветен кадар насекаде и ќе се избегне повремениот недостиг од кадар од овој профил во многу земји.

Секоја година со промотивните и едукативните активности на Меѓународниот ден на медицинските сестри во фокусот се става некој од тековните проблеми во оваа професија. Оваа година одбележувањето на овој ден се одвива под мотото “Негувајќи го светот до здравје”, ставајќи го во фокус значењето на медицинските сестри во услови на пандемија.

Во Австралија, Канада, САД, но и други земји, Меѓународниот ден на медицинските сестри честопати е дел од еднонеделното оддавање почест именувано како Национална недела на медицинските сестри. (Н. С.)

Клучни зборови:
Фотопортрет на Флоренс Најтингејл

Фотопортрет на Флоренс Најтингејл