Рубрика: Астрономија и астронаутика
Егзопланетата која одненадеж исчезна
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.04.2020 - 17:15

Уметнички приказ од судирот на двете тела

Една од првооткриените егзопланети, големата планета со ознака Fomalhaut b инаку позната и како Дагон, којашто можеше да се види директно со телескоп (такви се само 50, а другите 4100 се индиректно откриени), мистериозно исчезна.

Нејзиното отсуство беше забележано сега откако, десетина години по нејзиното прво директно набљудување со помош на вселенскиот телескоп Хабл, некои од научниците вклучени во тогашното откритие се обиделе повторно да ја проучат планетата Дагон на новите фотографии добиени од Хабл.

Откритието на Fomalhaut b одамна беше контроверзно бидејќи се работи за невообичаено светол и млад објект, којшто сепак не може да се види на фотографиите направени во инфрацрвениот дел од спектарот, што е парадоксално бидејќи според младоста “планетата“ би требало да биде врела и лесно воочлива во инфрацрвениот спектар, а и се работи за премногу млад систем којшто не би можел да има во оваа фаза толку голема планета.

Тимот сега предлага дека првичното откритие можеби и не било егзопланета, туку дека забележаниот “објект” всушност бил облак од остатоци којшто останал зад редок судир помеѓу два објекти со големина на астероиди. Овој облак од остатоци потоа се распрснал, па на тој начин се објаснува и мистериозното исчезнување на Fomalhaut b. Ова е резултатот од компјутерската симулација на судир од два астроида со димензии од околу 190 km, направена од астрономите од Универзитетот Аризона, Andras Gaspar и George Rieke.

Но, сите не се убедени во ова навидум едноставно објаснување, со оглед на тоа што ваквите случки се многу ретка појава, па се очекува скоро претставување на нови трудови коишто ќе дадат друг предлог за овој чуден случај за планетата којашто одненадеж исчезна.

Клучни зборови:
Уметнички приказ од судирот на двете тела

Уметнички приказ од судирот на двете тела

Ѕвездата Fomalhaut

Ѕвездата Fomalhaut