Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 24.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 24.04.2020 - 17:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

24.4.1924 – Родена е Надежда Келкоцева, познат македонски фармацевт

На денешен ден во Велес, во 1924 година, е родена Надежда Келкоцева, познат македонски фармацевт, наставник/професор на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Основоположник е на Институтот за испитување и контрола на лекови. Претходно, во Републичкиот завод за здравствена заштита го оформува и станува директор на Одделот за испитување и контрола на лекови. (Т. С.)

 

24.4.1967 – Загина Владимир Комаров

Советскиот космонаут Владимир Комаров е првиот човек кој загина за време на една вселенска мисија. До несреќата дојде поради заплеткување на падобранот при обидот за безбедно слетување на капсулата Сојуз 1.

Комаров бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.

Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност, покрај одличните вештини и знаења како инженер, му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути, тој придонел во дизајнирањето на вселенски летала, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Бил назначен да раководи со првата советска мисија со повеќечлена посада “Восход 1“, a потоа и со мисија “Сојуз 1“.

Со неговиот лет во “Сојуз 1“ Комаров стана првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш. За жал, при враќањето на од вселената, на 24 април 1967 година, доаѓа до проблеми со падобранот на капсулата и нејзин неконтролиран пад. Неговото тело е крмирано и погребано во ѕидот на Кремлин. (Н. С.)

 

24.4.1817 – Роден е Жан Шарл Галисар де Марињак

Жан Шарл Галисар д Марињак (Jean Charles Galissard de Marignac) е швајцарски хемичар, познат по неговите истражувања во доменот на атомската тежина. Истражувањата на Марињак укажале на можноста за постоењето изотопи на елементите и популациската распределеност во јадрото. Неговите истражувања на ретките елементи беа крунисани со откривањето на елементот итербиум во 1878 година и неговото учество во откривањето на елементот гадолиниум во 1880 година.

Жан Шарл Галисар де Марињак се смета за “еден од големите хемичари на 19 век”, особено во доменот на неорганската хемија. На 13 септември 2011 година, Швајцарија го прогласи местото на коешто се наоѓала неговата хемиска лабораторија на Универзитетот во Женева за место со историско значење од областа на хемијата. (Н. С.)

Клучни зборови:
Владимир Комаров

Владимир Комаров

Местото на падот на капсулата Сојуз 1

Местото на падот на капсулата Сојуз 1

Жан Шарл Галисар д Марињак

Жан Шарл Галисар д Марињак

Таблата којашто ги обавестува намерниците дека се наоѓаат на историско место од доменот на хемијата

Таблата којашто ги обавестува намерниците дека се наоѓаат на историско место од доменот на хемијата