Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 16.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 16.04.2020 - 21:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

16.4.1495 – Роден е Петер Апијан, германски математичар

Петер Апијан (Petrus Apianus) познат и како Петер Апиан бил германски хуманист, познат по своите трудови од математиката, астрономијата и картографијата. Неговите трудови од “космографијата“, научно поле кое се занимавало со проучување на Земјата и нејзината положба во Универзумот, претставени во неговите најпознати дела Astronomicum Caesareum (1540) и Cosmographicus liber (1524), уште во негово време биле многу влијателни во научната сфера и биле објавени во повеќе изданија, на повеќе јазици. Месечевиот кратер Apiаnus и астероидот 19139 Apian се именувани во негова чест.

Роден е во Лесинг во Саксонија. Неговиот татко Мартин бил чевлар. Семејството било релативно добро ситуирано и припаѓало на граѓанската средна класа. Се школувал во латинската школа во Рохлиц (Rochlitz). Од 1516 до 1519 студирал на Универзитетот во Лајпциг. Во 1519 се преселил во Виена и ги продолжил студиите на Виенскиот универзитет, кој во тоа време бил еден од водечките Универзитети во областите на географијата и математиката. Кога во 1521 година избила чума во Виена, се преселил во Регенсбург, а потоа во Ландсхут. Овде, во Ландсхут, во 1524 година го напишал своето дело Cosmographicus liber, кое било високо оценето и влијателно научно дело за астрономијата и морепловството и доживеало дури 30 изданија; преведено е на 14 јазици и останало многу популарно научно дело сè до крајот на 16 век. Починал на 21 април 1552 година. (Т. С.)

 

16.4.1867 – Роден е Вилбур Рајт

Вилбур Рајт (Wilbur Wright) е постариот од браќата Рајт кои влегоа во историјата како први на коишто им појде од рака да остварат контролиран и одржлив  лет погонуван со мотор. Нивниот авион имал управливост во три оски на движење – правец, длабочина/висина и вртење, што овозможило стабилен лет. Контролите за управување по овие три оски на движење се и ден денес стандард кај современите авиони. (Н. С.)

 

16.4.1728 – Роден е Џозеф Блек

Џозеф Блек (Joseph Black) е шкотски хемичар, еден од основополжниците на термохемијата. Тој открил дека при топење на мразот не доаѓа до промена на температурата, што ја поттикнало идејата за специфична или латентна топлина. Блек се заанимавал и со истражување на јаглеродниот диоксид којшто го нарекувал “фиксиран воздух”, поради неговата лесна апсорпција (односно фиксирање) од страна на јаките базни раствори. Неговите истражувања во оваа насока придонеле за откривање на бикарбонатите. (Н. С.)

Клучни зборови:
Петер Апијан (Petrus Apianus)

Петер Апијан (Petrus Apianus)

Џозеф Блек (Joseph Black)

Џозеф Блек (Joseph Black)

Вилбур Рајт (Wilbur Wright)

Вилбур Рајт (Wilbur Wright)