Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.04.2020 - 21:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

15.4.1452 – Роден е најпознатиот ренесансен уметник и научник Леонардо Да Винчи

Леонардо Да Винчи е роден во селото Винчи (Тоскана, Италија). Исклучително широко е неговото поле на интерес. Речиси нема област од науката, уметноста и техниката во која не дал свој придонес. Најпознат е по своите слики, но има и значаен придонес за техниката и, воопшто, за науката. Тој е најсветлиот факел во темното средновековие во Европа. Се занимавал со проблемите со наводнувањето, воената техника, аеродинамиката (првите нацрти за хеликоптерите се негово дело), архитектура, анатомија, акустика и конструирање на музички инструменти итн. Починал на 2.5.1519 година во Франција. (Т. С.)

 

15.4.2010 – Починал Борис Стојчев, познат македонски физичар

Борис Стојчев е роден на 1 јуни 1924 година во Битола. Од 1964 година е редовен професор на универзитетот во Торонто и негов почесен професор, член на МАНУ надвор од работниот состав од 1981 година. Во Канада е доселен во 1931 година, а дипломирал во 1947 година и докторирал во 1950 година на Универзитетот во Торонто. Пред тоа,13 години работел во Националниот истражувачки совет во Отава. Во врвни стручни списанија објавил повеќе од 150 забележителни статии поврзани со интеракцијата на светлината и материјата, Рамановата спектроскопија со висока резолуција и нелинеарната спектроскопија. Го направил првиот ласер во Канада и нашол ингениозни примери на ласерите за истражувачки цели. Раководел со изработката на 25 докторски дисертации. Во 2002 година објавил обемна биографија на својот ментор, нобеловскиот лауреат Герхард Херцберг. Од 1972 до 1977 бил декан на Факултетот за инженерство во Торонто, претседател на Американското друштво за оптика (1976) и на Канадската асоцијација за физика (1983-1984), повеќегодишен член на научниот совет на Канада и секретар (1996) на Меѓународната асоцијација за чиста и применета физика. Се стекнал со почести во Канада и во други земји; член е на академиите на Канада, САД, Велика Британија и Индија. (Т. С.)

 

15.4.1765 - Починал Михаил Василевич Ломоносов

Михаил Василевич Ломоносов (1711 - 1765) бил руски научник и писател. Тој дал важен придонес во науката, обраованието и во литературата. Неговите сфери на интерес биле природните науки, хемијата, физиката, минерологијата, историјата, уметноста, филологијата и други. Меѓу неговите откритија биле атмосферата на Венера и законот за зачувување на масата во хемиските реакции. Ломоносов исто така  бил поет  и влијаел врз формирањето на современиот руски литературен јазик. (Д. М.)

 

15.4.1925 – Родена е Даница Перчинкова, македонска математичарка

Родена е во с. Ваташа, Кавадарци на 15.4.1925 година. Припаѓа на првата генерација студенти од групата математика на Филозофскиот факултет. Дипломирала во 1950 година и истата година била избрана за асистент. Во 1963 година докторира на ПМФ со темата “Прилог кон изучувањето на хомогените проблеми со сопствени вредности при обичните диференцијални равенки". Имала студиски престој на ЕТФ во Белград и на институтот “Анри Поанкаре" во Париз. За редовен професор на ПМФ e избрана во 1971 година. Објавувала научни трудови до пензионирањето во 1975 година, главно од областа на диференцијалните равенки. Починала во Скопје на 21.3.2002 година. (Д. М.)

 

15.4.1977 – Раѓање на компјутерската индустрија

Првиот годишен компјутерски саем West Coast Computer се одржал во Сан Франциско, Калифорнија. Настанот траел три дена и во него учествувале 12 750 луѓе. Саемот го означил дебито на компјутерот Apple II, кој имал 16 KB меморија, BASIC, вградена тастатура, осум слотови за експанзија и вградена графика во боја со висока резолуција. Многумина го сметаат овој настан и претставувањето на Apple II како зачеток на индустријата за персонални компјутери. (И. З.)

Клучни зборови:
Леонардо Да Винчи, автопортрет

Леонардо Да Винчи, автопортрет

Скици од Да Винчи

Скици од Да Винчи

Скици од Да Винчи

Скици од Да Винчи

Борис Стојчев

Борис Стојчев

Михаил Ломоносов

Михаил Ломоносов

Михаил Ломоносов

Михаил Ломоносов

Даница Перчинкова

Даница Перчинкова