Преносот на податоците од компјутер на телефон и обратно може да се претвори во “танцување“ помеѓу УСБ кабелот и е-поштата. Но, Мајкрософт и Самсунг сега овозможија подобар начин. Имено, отсега фајловите ќе можат да се копираат со едноставно повлечи-фрли (drag and drop).
Најновиот Windows 10 Insider build им овозможува на корисниците да разменуваат фајлови по пат на wi-fi конекција помеѓу компјутерот и некои од компатибилните Самсунг телефони, како што се Galaxy S10 и Galaxy S20.
Мајкрософт од неодамна започна да ја олеснува комуникацијата помеѓу Андроид/Самсунг уредите и компјутерот. Така, минатиот месец беше воведена можност за директен copy-pastе од Windows 10 на Самсунг телефоните, а веќе е овозможено и примањето нотификации, но и одговарањето на повици од кој било мобилен телефон со Андроид преку Windows 10.
Веќе со години апликациите од трета страна нудеа слични можности (да не ја заборавиме и можноста ActiveSync што Мајкрософт нуди за телефоните со Windows Mobile). Новината ќе донесе низа олеснувања за меинстрим корисниците.
Сè што ви треба се Your Phone апликацијата на Мајкрософт и Link to Windows на Самсунг. Фотографиите и фајловите се избираат со подолг притисок на телефонот и избор на оние кои сакате да ги префрлите на компјутер. Преместувањето во обратна насока е преку влечење и “фрлање” на избраните датотеки во прозорецот YourPhonе.
Но процесот не е сосема совршен. Големината на фајловите е ограничена на 512 MB, па така, на пример, оневозможено е префрлањето на поголеми HD видеосодржини од компјутер на телефон. Исто така, трансферот е ограничен на 100 фајлови, па така префрлањето на голема збирка фотографии одеднаш нема да биде толку мазно. Конечно, компјутерот и телефонот мора да ја користат истата wi-fi мрежа, а за овозможување на услугата Самсунг уредите потребно е да поседуваат Link to Windows 1.5, опција којашто не е поддржана на сите Galaxy уреди.