За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
14.4.1940 – Почина Захарина Димитрова Веловска, прва жена лекар во Македонија
На денешен ден во Пазарџик (Бугарија) во 1940 година почина првата жена лекар од Македонија, Захарина Димитрова. Родена е на 26 ноември 1873 година во Ресен, во фамилија која се занимавала со трговија, па според тоа татко ѝ можел да си дозволи елитни училишта за својата ќерка. Гимназија завршува во Солун, акушерство во Русија, а Медицински факултет во Нанси (Франција) на 27 февруари 1901 година. За нејзината дисертација “Структурни иследувања на епифизната жлезда кај некои цицачи“ била и наградена со златен медал. Нејзиниот труд го привлекол вниманието на научната јавност и бил објавен во научното списание “Невракс“, а делови од него биле цитирани во учебници и дела на медицински истражувачи. По завршувањето на студиите се вратила во Ресен, но турските власти не ѝ дозволиле да биде лекар во Македонија, поради што заминала во престолнината на Бугарија каде што добила дозвола за работа. Била голем патриот и многу придонела со својот позив за македонската кауза. (Т. С.)
14.4.1629 – Роден е Кристијан Хајгенс
Кристијан Хајгенс (Christiaan Huygens) е холандски физичар, астроном и една од водечките фигури на научната револуција.
Хајгенс е познат по неговиот изум – часовникот со клатно (нишало). Клатното се движи по едноставна кружна патека при што времето потребно за комплетирање на една осцилација е пропорционално на амплитудата на нишалото. Колку што е поголемо нишалото, толку повеќе време е потребно за комплетирање на осцилацијата. Хајгенс најнапред теоретски ја открил кривата каде времето потребно за извршување на една осцилација е независно од амплитудата. Оваа крива е позната како изохрона или тавтохрона крива, или циклоида. Следен чекор било изнахдувањето метод со којшто ќе се овозможи нишалото да ја следи оваа циклоида патека. Оваа новина ја зголеми прецизноста на мерењето на времето, па така сега часовниците постигнувале прецизност од ±15 секунди во едно деноноќие наместо претходните ±15 минути. Ова овозможило додавање на приказот на минути кај часовниците. Основниот дизај на Хајгенс бил темелот за најпрецијзната форма на мерење на времето во наредните 270 години, сè до појавата на кварцните часовници во 1927 година. Во пресметките и описите на принципот на работа на часовниците со нишало е даден и првиот опис на центрипеталната сила. Равенката подоцна ќе биде вклучена во Њутновите закони на движење.
Хајгенс дал и значителен придонес во сфаќањето на брановата природа на светлината. Тој верувал дека секоја точка на фронтот на светлинскиот бран може да се претвори во секундарен извор на сферни бранови коишто се простираат со брзина на светлината. Новиот фронт на бранот ќе биде тангентната патека на линијата на сферите. Со оваа теорија, тој математички можел да го предвиди патот на светлината околу кривите и низ леќите. Но, за несреќа на Хајгенс, ова директно се косело со теоријата за корпускуларната природа на светлината, поставена од Њутн. Па така, придонесите на Хајгенс во доменот на истражувањето на придодата на светлината ќе го добијат заслуженото внимание дури на почетокот на 19 век.
Но, ова не го спречило. Хајгенс конструирал окулари за градба на сопствен телескоп со помош на кој открил дека прстените на Сатурн претставуват одвоени тенки рамни ленти. Тој ја открил и најголемата месечина на Сатурн – Титан. Еден од неговите дизајни на окулари ќе претставува првиот систем на сложени леќи којшто ја елиминира попречната хроматска аберација присутна во системите со единечни леќи.
Хајгенс бил пионер и во математиката, во областа на веројатноста. Тој објави систематски методи за решавање на проблемите со веројатноста присутни кај игрите на среќа и проблемот со поени. (Н. С.)
14.4.1927 – Роден е Ален Мекдајармид
Ален Мекдајармид (Alan Graham MacDiarmid) е новозеландско-американски хемичар и еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за хемија во 2000 година.
Неговиот најзначаен придонес е откритието и развојот на спроводните полимери, пластични материјали кои имаат способност да го спроведуваат електрицитетот. Макдајармид соработувал со јапонскиот научник Хидеки Ширакава и американскиот наулник Ален Хигер на откритието дека пластиката, на којашто се направени одредени структурни промени, сепак може да спроведува електрична енергија. Отритието најде многу практични примени, а на тројцата научници им ја донесе Нобеловата награда за хемија.
За време на неговиот живот Мекдајармид објавил над 600 научни трудови и региструрал преку 20 патенти. (Н. С.)