Рубрика: Информатика
Соработка меѓу Apple и Google со цел следење на заразените со коронавирус
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 14.04.2020 - 18:45

Компаниите Епл и Гугл со заеднички сили развиваат технологија која ќе овозможи да добиеме известување доколку неодамна сме биле во контакт со личност позитивна на коронавирус.

Пред пандемијата на новиот коронавирус, кој било систем што има можност да ја следи вашата локација и вашите контакти звучеше како ноќна мора. Иако и денес оваа можност звучи како орвеловски кошмар, овој кошмар има потенцијал да зачува милиони животи и да ја спаси глобалната економија. Соочени сме со парадоксален предизвик – како да се изгради сеопфатен систем за следење, а притоа да не се добие Паноптикон?

Откако се појави SARS-CoV-2, и владите и производителите на технологија се обидуваат да осмислат систем што, преку мобилните телефони, ќе овозможи да се следи движењето на луѓето и со кого тие доаѓаат во контакт. Во неколку земји овие сиситеми се веќе имплементирани. Таканаречените апликации за следење на контактите (contact-tracing) им помагаат на центрите за јавно здравје да го предухитрат ширењето на вирусот, што на крај ќе доведе до намалување на потребата од физичко дистанцирање. 

Од друга страна пак, овие системи неминовно водат кон кршење на правото на приватност. Ако се најдат во погрешни раце, сировите податоци за локацијата можат да откријат било што за нас, почнувајќи од нашето политичкото определување и анагажмани, потенцијалните новинарски извори итн. Како што овие сиситеми се појавуваат, тимовите од експерти за криптографија се обидуваат да го направат наизглед невозможното – да развијат систем за следење на контактите без можност за надзор, развивајќи апликации кои ги известуваат корисниците кои се потенцијално изложени на вирус, но без давање на увид во чувствителните податоци за локација. Се обидуваат да ја сочуваат приватноста на заразениот, но истовремено да дадат сигнал на сите кои биле во негова близина дека имале контакт со заразен.

Професорот по математика на Универзитето во Торонто, Јун Вилијам Ју, кој соработуваше со канадската влада во развој на програма за следење на контакти, тврди дека ова е возможно. Професорот по право Ричард Џанда од Универзитетот Мекгил, чијашто специјалност е токму правото на приватност, работел на истиот проект, и тој подеднакво верува во можноста да се развие таква апликација. 

Се обидуваме да овозможиме ова да се изведе со заштита на приватноста, за кога еднаш вирусот ќе помине, да не зажалиме дека слепо сме им ги предале информациите што не требало на органите на власта.

Компаниите Епл и Гугл за почеток планираат да овозможат непречено функционирање на апликациите на независни издавачи на нивите оперативни системи (iOS и Андроид), но намерата им е да ја елиминираат потребата од инсталирање засебни апликации со цел да ги охрабрат луѓето да учествуваат во оваа програма.

Тие веруваат дека нивниот пристап, осмислен на начин што овозможува анонимно учество, во потполност ја уважува приватноста на корисникот. Нивниот метод за следење на контактите би го користел блутут сигналот од паметниот телефон за да се утврди со кого нивниот сопственик поминал доволно време за да биде во опасност за да се зарази. Ако по извесно време се дознае дека личноста со која сте биле во контакт е позивитна на коронавирус, сите кои го задоволуваат овој критериум би добиле известување од апликацијата. Апликацијата нема да ги собира податоците за локацијата и личните податоци.

Во една заедничка изјава, Епл и Гугл потенцираат дека приватноста, транспарентноста и доброволното вклучување е од клучно значење за успехот на овој проект. Тие потенцираат дека јавно ќе ги објават информациите за работата на апликацијата за сите кои сакаат да ја анализираат.

Се очекува и америкасниот претседател Доналд Трамп да ја поддржи оваа иницијатива на следната конференција за печат.

Клучни зборови: